Фото и рецепт: Анита Стојановска

Драги домаќинки, еве го популарното Велешко ѓозлеме. Може да го направи и тој што не знае да сука затоа што нема потреба од многу сучење.

Потребни состојки:

250 мл млака вода

1 коцка свеж квасец

1 лажиче сол

1 лажиче шеќер

5 лажици масло

Брашно по потреба (400-500г)*

Постапка:

Се активира квасецот и се замесува средно меко тесто, да не ви лепи на рака. Се остава на топло да стаса.

Потоа се дели на 5 топки, а можете и на повеќе (ако направите тесто од 700 г брашно, може и на 10 топки)*, па и тие се оставаат да одморат 10-тина минути.

Секое топче се сука колку што е големо тавчето (моето е бр.28).

Се попрскува со мешавина од растопена маст и масло. 

Врз секоја се става сирење (не мора, но повкусно е)*, а на последната се буцка свинско мевце, претходно исечкано на коцки и посолено (месото е добро да се зачини одвечер или барем половина час пред редење)*.

Пред да се нареди мевцето питата се сече на коцки или ромбови, па врз секое парче се буцнува мевце. Потоа се премачкува со маста и се става на печење.

Се пече на 200-220 степени околу 30-40 минути, зависи како ви пече рерната.