Многумина мислат дека за да направите домашно, свежо сирење е потребно млеко со висок процент на масти, но всушност и од нискомасленото млеко се добива многу вкусно крем-сирење како топеното, општо познато како „зденка“. Поевтино е да се купи, а постапката е идентична, одзема помалку од 30-тина минути.
Направете го ова „зденка“ сирење во само неколку чекори. Повеќе не мора да купувате, бидејќи на лесен и едноставен начин можете да да си направите домашно, квалитетно сирење. Потребно ви е свежо млеко, уште подобро ако и тоа е домашно.
Од овој рецепт сум пријатно изненадена. Сирењето е многу вкусно и не погрешив што го испробав рецептот. Нема некој што дома не го сака ова крем сирење и постојано ми бараат да го подготвувам. Се јаде во рок од еден ден, а излегува многу кремасто и може да се сече на поголеми парчиња – топено сирење „зденки“ или да се користи како намаз.
Во подолуопишаната постапка, ќе забележите дека млекото кое се користи за ова сирење може да биде полномасно (3,2-3,5%) или нискомаслено млеко (1,7%). Постапката е идентична, а разликата во крајниот резултат по моја проценка е следнава:
Сирењето со полномасно млеко има погуста конзистентност (на изглед личи на урда), а она со помалку масти е побледо и полесно се размачкува. Вкусот не прави голема разлика, и двете сирење се многу вкусни. Во рецептот се користи и 20 г солен путер.
Ова свежо сирење го правам и со несолен путер и исто така излегува вкусно, нешто слично како моцарелата. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар полномасно млеко (4 чаши) или млеко со низок процент на масти (1,7%), 3 лажици бел оцет (4 лажици за млеко со пониска масленост), 20 г солен или несолен путер. Белиот оцет можете да го замените и со сок од лимон. Ова сирење е потребно да се чува во фрижидер и има рок на траење до 5 дена.
ПОСТАПКА: Во едно поголемо тенџере ставете малку вода колку да се покрие и навлажни целата површина. Ова се прави за да не загори млекото. Потоа, сипете го целото млеко и додајте 3 лажици бел оцет, а за млекото со пониска масленост ставете уште една лажица бел оцет.
Вклучете ја ринглата на еден или два степени пониско од највисоката опција (на пример од 9 на ринглата, ставете на 7 или 8 степен). Кога млекото малку ќе се загрее промешајте го добро со дрвена лажица и повторно поклопете го со капакот и оставете да се вари и да се згусне, како урда. Повремено проверувајте го и промешувајте го за да не ви загори.
Кога ќе започне да врие, односно кога ќе се формира дебел слој пена, не дозволувајте да ви претече. Мешајте непрекинато, па по некоја минута ќе забележите дека од млекото ќе започне да се одвојува и да се засирува.
Продолжете со мешањето додека убаво да се засири смесата, вкупно приближно две минути. Потоа исклучете го огнот. Засиреното млеко оставете го кратко време да отстои врз ринглата, па тргнете го настрана и подгответе сито и еден длабок чист сад во кој ќе ја процедите сурутката.
Ако немате сито, тогаш ова правете го преку густа газа. Оваа количина е доволна за само едно сито од кое ќе излезе една „пита“ сирење. Со дрвената шпатула малку притискајте врз сирењето за да се исцеди што повеќе сурутка. Сурутката може да си ја чувате во чисто шише и да ја испиете, бидејќи содржи многу пробиотици.
Сирењето ставете го на чинија со газа и уште малку процедете го додека целосно да се исуши. Кремастото сирење ставете го во блендер каде што ќе додадете 1 коцка путер од 20 г. Измиксајте на најсилната опција на блендерот додека двете состојки да се соединат и да се формира мазен намаз. По желба може да посолите.
Вака подготвеното сирење може да го складирате во стаклена тегла и да го чувате во фрижидер до 5 дена. Кремастото сирење се користи за премачкување на леб (кога правам од полномасно млеко). Од млекото со пониска масленост кога ќе го измешам со путерот го соединувам рачно во цврста топка и го оставам половина час во фрижидер, па го сечам на триаголници. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.