Постојат повеќе начини за добивање на домашно сирење, а професионалците користат специјална маја со која се добива висок квалитет на сирење. Сепак, сирење може да се добие и на сосем природен начин без додавање на некои дополнителни купечки активатори.




Основна состојка за добивање на сирење е млекото, а со додавање на различни други состојки (лимонов сок, сок од морков, сок од цвекло, јогурт, кисело млеко и сл.) тоа се разделува на урда и сурутка. Може да се јаде свежо како урда или како младо сирење, а со зреење во солена сурутка се добива сирењето.




Овојпат ќе ви го откриеме рецептот за добивање на сирење од млеко и кисело млеко. Постапката е едноставна, а млекото наместо да се вари и меша, едноставно се остава во загреана рерна 20-тина минути. Потоа постапката е иста како и кај другите рецепти. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко и 200 мл кисело млеко. Може да користите какво сакате млеко, но најдобро е да биде полномасно, а уште подобро, домашно. Колку млекото е помасно и посилно, толку помеко сирење се добива.




Ако користите козјо млеко на пример, ќе добиете многу квалитетно сирење според нутритивен состав, но малку попосно од овчото или кравјото на пример. Па така, изборот на млекото останува на вас, а киселото млеко во овој случај служи како маја.




ПОСТАПКА: Добро измешајте ги млекото и киселото млеко додека да се изедначи смесата. Претурете ја содржината во земјен сад или тенџере без пластични елементи и ставете го во претходно загреана рерна на 120 степени.




Со вклучена рерна оставете да се загрева млекото 20 минути, а потоа исклучете ја рерната но не ја отворајте вратничката. Во топлата рерна оставете го садот да отстои уште полни два часа, да се олади. Кога ќе го извадите ќе забележите дека целосно се засирило и се одвоила сурутката.




Прецедете го врз сито обложено со четирислојна газа. Истискајте ја вишокот течност и оставете го спакувано во газата да се исцедува неколку часа или преку цела ноќ во фрижидер. Чувајте го со сопствената сурутка која можете да посолите и да служи како солило.