Рецепт на Сања Милојевиќ. Од малку материјал излегуваат многу переци, а домашните се многу повкусни и поздрави од купечките. Постапката за приготвување е лесна и едноставна. Потребна ви е модла за переци, но доколку немате, од ова тесто можете да правите најразлични облици или едноствно само стапчиња. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 мл млако млеко, половина коцка свеж квасец + прстофат шеќер, 2 жолчки, 1 цело јајце, 250 г маргарин (или путер), околу 600 г брашно, и малку сол. И уште: јајце за премачкување, сусам за наросување, модла за переци
ПОСТАПКА: Во млако млеко иситнете го квасецот, додајте малку шеќер, помешајте да се раствори па оставете на топло место да се активира и запени. За тоа време ставете го маргаринот да се растопува во микробранова печка или на многу тивок оган.
Додајте го растопениот маргарин во активираниот квасец, но не смее да биде врел, туку млак. Потоа додајте ги двете жолчки и едно цело јајце, посолете и промешајте да се изедначат сите состојки.
Започнете постепено да го додавате брашното. На почетокот мешајте со лажица или шпатула додека брашното ги впива течните состојки, а потоа месењето продолжете го рачно. Треба да добиете средно тврдо тесто кое не се лепи на рака.
Тестото покријте го со крпа или проѕирна-стреч фолија и оставете го на топло место да стасува околу половина час или додека да се удвои. Потоа истресете го на малку набрашнета површина и лесно премесете го.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а тестото со помош на оглагија развлечете го во кора со дебелина од половина центиметар. Од кората вадете переци со специјална модла која можете да ја набавите во секоја поголема продавница специјализирана за домаќинство.
Переците редете ги во плех обложен со хартија за печење. Остатокот од тестото повторно соберете го, премесете го и развлечете го во кора, па вадете переци додека целото да се потроши.
Одозгора премачкјате ги со изматено јајце, наросете сусам или ким, па ставете да се печат во загреаната рерна околу 20 минути или додека да добијат златнокафеава боја. Од оваа мера испеков два полни плеха од шпорет, излегуваат многу перечиња. Рецепт на Сања Милојевиќ.