Рецептот за домашна шампита го објави нашиот драг член Драган Страшеноски кој во групата НМД рецепти е од самите почетоци. Драган е вистински мајстор за најубавите домашни торти со неговиот препознатлив дизајн во боите на виножитото и изборот на здрави намирници кои ги користи за изработка на своите уметнички дела. Овојпат нè изненади со овој преубав колач – домашна шампита – па да го пробаме!

Фото и рецепт: Драган Страшеноски

Потребни состојки:

7 жолчки
5 лажици шеќер
5 лажици брашно
малку прашок за печиво

за шам:

7 белки
7 лажици шеќер

за сирупот за шам:

14 лажици шеќер
5 г желатин + вода колку да се покрие шеќерот

Постапка:

Почитувани, еве го рецептот, чест и задоволство ми претставува да го споделам со вас. Рецептот се однесува на калапче 10х20 сантиметри.

Од 7 јајца ги делиме жолчките од белките. За бисквит: Жолчките ги матиме со 5 лажици шеќер. Откако ќе се растопи шеќерот, додаваме 5 лажици брашно и малку пециво. Смесата ја излеваме на калапче 10х20 см, обложено со масна хартија и печеме во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути со проверка.

Во меѓувреме спремаме шам од белки: 14 лажици шеќер и 5 грама желатин (половина ќеса) залеваме со вода додека го покриеме шеќерот. Ставаме на оган да зоврие.

Во меѓувреме матиме 7 белки со 7 лажици шеќер. Откако ќе зоврие сирупот го додаваме полека во шамот и матиме уште 20 минути.

Готовиот шам од белки го филуваме врз бисквитот и го ставаме во загреана рерна на 180 степени, 5 минути.

Готовата шампита ја вадиме од рерна. Ја оставаме 20 минути на собна температура, ја сечеме на коцки и ја ставаме во фрижидер.

Фото и рецепт: Драган Страшеноски