Рецептот е испробан неброено пати и секогаш се добива совршен вкус. Овој пијалак е многу добар за желудник, за циркулација, а го подобрува и расположението : – ) Имате класичен рецепт и рецепт од читател кој пелинковецот го прави поароматичен, со портокал, кафе, жалфија…

Потребни состојки:

1,5 кг шеќер
3 гранчиња свеж пелин (од околу 20 см должина секое гранче)
500 мл вода
3 литри ракија
1 гранче свеж пелин што се додава при крај

Постапка:

Три гранчиња пелин исечкајте ги ситно. Во еден поширок сад ставете го шеќерот и сечканиот пелин, па карамелизирајте ги заедно. Опојни мириси ќе се прошират низ вашата куќа…

Мој совет е да карамелизирате во поголем а поплиток сад, за полесно мешање. Кога ќе добие убава карамел-кафеава боја, полијте со вода и уште еднаш добро промешајте. Оставете малку да прокрчка, неколку минути, па исклучете го огнот.

Во оваа врела смеса додадете уште едно исечкано гранче свеж пелин. Промешајте и оставете да излади. После тоа додадете ја ракијата, промешајте и складирајте во поголем стаклен сад во кој сето заедно ќе отстојат 5 дена за да се спојат состојките.

Тогаш процедете цо соодветни шишиња и вашиот пелинковец е спремен за дегустација.

Секако можете да направите и помала количина, само сразмерно намалете ги состојките.

РЕЦЕПТ ОД ЧИТАТЕЛ

Карамелизирам околу 500 г шеќер со две ситно сечкани гранчиња пелин со должина од околу 20-тина см. Кога шеќерот ќе се растопи, полевам 100 мл вода, оставам да се растопи и тргам од оган.

Кога ќе излади додавам еден литар ракија, обична лозова…

Сето ова го ставам во тегла, додавам сок од еден портокал, кората од портокалот ја сечам на помали парчиња па и нив ги додавам, потоа ставам неколку зрна кафе, неколку ливчиња жалфија исто ситно сечкани, па уште едно сечкано гранче пелин, и сето тоа го оставам на сонце 5 дена. Исто така, може да се прави и со сув пелин. Поздрав.