Ако досега не сте пробале, запишете си го рецептот и при првата пригода направете го. Путерот од лук е нешто феноменално, вкусот е совршен и ги добива сите пофалби. Љубителите на лукот го обожаваат овој рецепт. Путерот може да се мачка на лепче или да се става во јадењата во кои обично се додава путер или масло.




Без разлика дали станува збор за премачкување на некое месо за да се маринира, или се додава во салати и тестенини, овој путер на сите јадења им дава посебна арома. Готов е за кратко време, а потоа се става да се стегне во фрижидер, но може и веднаш да се дегустира, за нестрпливите. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 главици лук, 1 солен путер, 2 гранчиња рузмарин, 1 гранче мајчина душичка, малку сол и црн пипер. По вкус, може да се додаваат и други зачински билки, како оригано на пример, но во оригиналните рецепти за овој путер се избегнува поради неговиот доминантен вкус.




ПОСТАПКА: Се земаат две главици лук кои не треба да се лупат и да се одвојуваат посебно сите чешниња, што е олеснителна околност. Eдинствено нешто што треба да направите е да ги пресечете главиците сосем малку од двете страни, горе и долу, за да ѕиркаат отворените краеви на чешнињата, како што е прикажано на сликата подолу.




Главиците се ставаат во алу-фолија и одозгора се преливаат со неколку капки маслиново или некое друго масло по ваша желба, може сончогледово или од други семки. Врз главиците се додава малку сол и црн пипер, а потоа убаво се завиткуваат двете во алуминиумската фолија.




Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени, а потоа пикнете ги чешнињата сосе фолијата во рерната. Печете околу 30-40 минути додека на врвовите да потемнат во убава златна боја. Во меѓувреме, путерот се вади на собна температура и се остава да се омекне.




Свежиот рузмарин и мајчината душичка се чистат од најголемата гранка (се користат само ливчињата) и се ставаат на една дрвена даска за сечење. Билките се ситнат колку може поситно. Кога лукот ќе се испече, се вади фолијата и секоја главица се истискува во еден подлабок сад. Чешнињата треба да се омекнати со густа конзистентност, како пире.




Во лукот се додава омекнатиот путер и смесата се меша непрекинато со виљушка додека фино да се соедини и да стане еднолична. Потоа се додаваат билките и убаво се инкорпорира. Вака подготвениот путер се префрла во пластична фолија и се завиткува цврсто како ролат или се става во помало канче, па добро се израмнува.




Пред да го послужите, путерот ставете го во фрижидер да се стегне. Путерот е најубав за јадење ако го мачкате на потпечено лепче: една векна, поделете ја на половина напречно и премачкајте ја обилно на меката страна со путерот.




Ставете да се пече кратко, а потоа наросете со пармезан или рендан кашкавал и послужете со ситно сечкан свеж домат. Јадење за мерак, кое одлично се комбинира како мезе со узо или една чашка ракија. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.