Многу вкусна зимница од пиперки и домати која се приготвува брзо и едноставно се прави. кај мене е запишан како “пинџур” а се приготвува од домати и пиперки, со додаток од неколку лути пиперчиња по вкус.

Потребни состојки: 4 кг пиперки за ајвар, 2 кг излупени домати, ½ главица лук, 1 китка свеж магдонос, 2 рамни лажици сол, 4 лажици шеќер, 250 мл масло, 50 мл оцет и 2 феферони (лути пиперчиња)

Постапка: Пиперките убаво измијте ги, избришете ги и испечете ги на плотна. Убаво испечените пиперки полнете ги во кеса и оставете да изладат, па излупете ги и исчистете ги од семето. Потоа пиперките исечете ги ситно, но не ги мелете.

Доматите убаво измијте ги, па засечете ги како крст од задната страна и спуштајте ги краткко неколку секунди во жешка вода, па веднаш вадете ги и ставајте во ладна вода. На овој начин полесно ќе ги излупите. Лупените домати исечкајте ги.

Во длабоко тенџере ставете го маслото да се загрее, па додадете ги сечканите домати. Додадете го ситно сечканото лукче и варете додека зеленчукот да омекне.

Потоа додадете ги сечканите пиперки, сечканиот магдонос, оцетот, сол, шеќер, сечканите феферони и варете околу 1 час додека да добиете убава густина.

Полнете ги загреаните претходно стерилизирани тегли, затворајте ги убаво со капак и превртете ги за да се вакумираат. Завиткајте ги и оставете така да изладат.

Ова е мера за една доза од која се добиваат 11 мали шишиња од 300 мл. Секако, по желба удвојте ја количината.

Coolinarika.com