Фото и рецепт на Драгана Ѓорѓевиќ – Домашен густи сок.

Од овие состојки се добиваат 17 шишиња од 1 литар. Сокот е феноменален, има ненормално добар вкус, па доколку сте во можност задолжително пригответе го.

Потребни состојки:

2 кг дуњи
2 кг јаболка
2 кг круши
1,5 кг моркови
30 г лимонтус или поголем лимон
1,5 кг шеќер

Постапка:

Убави измијте го и исчистете го наведеното овошје и морковите, а потоа исечете ги плодовите на покрупни парчиња. Сокот го приготвував во тенџере од 20 литри.

Најпрво ставете го морковот и 3 литри вода, поклопете и вклучете на умерен оган. Кога ќе се свари морковот додадете ја дуњата и така продолжете по ред. Ако водата испари додадете слободно уште вода.

Кога сè ќе се свари земете рачен миксер и добро изблендирајте. Потоа додадете 10 до 12 литри вода, лимонтус (или цеден сок од лимон) и шеќер. Потребно е на тивко да се довари уште 10-тина минути за да се растопи убаво шеќерот.

Врелиот сок складирајте го во загреани стаклени шишиња со нови капачиња. По желба може да додадете уште шеќер (или мед кој сака) или лимон, по желба. Исто така, кој не го сака толку густ сокот може да го процеди низ крупна цедалка или газа.

Може и сами да го комбинирате овошјето, од нешто да ставите повеќе, а од нешто помалку, сè по вкус. Сокот не се разредува со вода. Во него се ужива во секое време со добро друшто. По желба, во чашата може да додадете некоја коцка мраз.

Фото и рецепт на Драгана Ѓорѓевиќ