Подгответе вкусно јадење кое спаѓа во оние што се нарекуваат „лажна пита“, а овојпат од компири и брокула и уште неколку состојки кои ги имате во моментот. Јас имав и малку свеж спанаќ, па го исечкав и додадов, па на крај излезе навистина многу вкусно јадење кое се изеде до последната трошка.
Децата побараа репете и прашаа дали има уште, па сигурно ќе почнам почесто да им го приготвувам ова вкусно и здраво јадење. „Лажните пити“ станаа популарни поради својата едностваност, брзиот и лесен начин на подготовка, а фантастичен вкус.
Истото јадење можете да го приготвувате со намирници по ваш избор, но испробајте го и овој предлог за пита преполна со зеленчук. Ако го сакате компирот, брокулата и спанаќот, тогаш не двоумете се и направете превкусен ручек кој сите ќе го обожаваат. Се прелива со јајца и кашкавал и кратко се потпекува во рерна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 компири, 2 ловорови листови, 2 зрна црн пипер, 1 главица кромид (црвен или бел), малку маслиново масло, 1 морков, 1 главица брокула, 250 г свеж лист од спанаќ, 2 чешниња лук, 3 јајца, 4 супени лажици крем сирење или кисела павлака, 150 г рендан кашкавал по избор
ПОСТАПКА: Компирот излупете го, измијте го добро и исечете го на приближно еднакви по големина коцки. Ставете го во тенџере, сипајте вода, додајте ловоров лист и црн пипер во зрно, па гответе го на умерена температура додека да омекне.
За тоа време ситно исечкјате го кромидот и кратко издинстајте го на малку маслиново масло додека да омекне. Потоа додајте ситно сечкан морков (на тенки лентички или тендан), а после неколку минути пржење додајте ја брокулата, претходно измиена, исцедена и исечена на помали цветчиња.
Кога и брокулата малку ќе омекне, додајте ситно сечкан спанаќ и мелен или рендан лук. Посолете и запиперете по вкус, па сето добро измешајте го да се распоредат рамномерно сите состојки и зачини.
Огноотпорниот сад намастете го, па на дното распоредете го варениот компир (процеден од водата и отстранети ловоровите листови), па врз компирот распоредете го рамномерно динстаниот зеленчук.
Јајцата изматете ги во посебен сад, додајте го крем сирењето и убаво соединете. Зачинете по желба, па додајте половина од ренданиот кашкавал. Смесата од јајца излејте ја рамномерно врз зеленчукот, а одозгора сипете го остатокот од ренданиот кашкавал.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени, па потоа ставете го јадењето да се пече 20-25 минути. Можете да го послужите како главно јадење или како прилог на месо. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.