Крофните во млеко некогаш се правеа многу често, а денес речиси сите го имаат заборавено овој превкусен колач. Ова е еден заборавен рецепт од Југославија кој често го приготвуваа нашите баби. Се нарекуваат „крофни во млеко“, но тие се нешто помеѓу крофни и бухтле, но сочни, натопени со млеко.

Имено, се замесува тестото и се прават крофните, а потоа пред печењето се залеваат со млеко. Во текот на печењето тестото го впива млекото и затоа тие се толку сочни и меки. Можете да ги полните со џем или пак да ги послужувате со лажичка џем врз нив, или покрај нив.




Нашите баби често правеа колачи и речиси немаше дом во кој во секое време се печеа и неодоливо мирисаа домашните колачи приготвени од јајца, млеко и брашно. Испробајте го и овој старински рецепт, зошто сигурно ќе уживате во секој залак. Фотографиите и рецепт на Оска:

Ова е рецепт на баба ми која одамна не е меѓу нас. Кога ги правам овие крофни, ме фаќа носталгија и се сеќавам на детството и неделниот ручек, после кој доаѓаа овие мирисни и топли крофни – Фотографија и рецепт на Оска.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 коцка свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 прстофат сол, 1 рака маст, 2 жолчки, околу 600 мл млеко, 800-900 г брашно, 2 лажици шеќер и по желба лимонова кора или малку ракија. За прелив: 500 мл млеко, 4 лажици шеќер и по желба ванилин шеќер или рум

*Може да правите помала количина со 550-600 г брашно, 300 мл млако млеко, 8 г сув квасец, 1 лажичка шеќер + 2 лажици, 2 жолчки, 1 лажичка сол, 80 г маст, 1/2 мала чашка ракија и малку рендана кора од лимон по вкус




ПОСТАПКА: Изронете го квасецот во топло млеко и додајте лажичка шеќер и малку брашно. Добро промешајте додека квасецот да се растопи и да добиете кашичка без грутчиња (квасецот може да го активирате и во вдлабнување во брашното). Оставете на топло место без провев 10-тина минути додека да се активира и запени.

Додајте ги останатите состојки (сите состојки да бидат на собна температура) и замесете меко тесто кое не се лепи на раце. По потреба додајте уште брашно. Малку намастете го со масло и оставете го на топло да стаса и да го удвои својот волумен.




Потоа тестото премесете го на набрашнета работна површина и развлечете го во кора со дебелина од 2-3 см. Сечете со тркалезен калап за крофни со пречник од 8 см. Крофните редете ги во тепсија, една до друга. Тепсијата не е потребно да се намастува.

Остатокот од тестото премесете го и повторете ја постапката или ако сте ја пополниле тепсијата можете да направите пита, полнети лепчиња или нешто по ваша желба. Тестото е убаво и погодно за разни печива.




Крофните се оставаат на топло малку да стасаат и да се удвојат. За тоа време загрејте го млекото со шеќерот додека тој да се растопи. За една тепсија потребно е половина литар млеко.

Со топлото млеко се прелеваат сите крофни и малку се протресува тепсијата за да испливаат. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30 минути.




Температурата за печење е нешто што секој мора според својот шпорет да ја прилагоди. Кога ги печам во еден друг шпорет, користам од 150-170-180 степени. Така и вие прилагодете ја температурата, треба да биде средно/умерена.




Додека се печат крофните многу нараснуваат. Се послужуваат топли со една лажица џем, нутела или некој друг сладок крем одозгора. Може да се наросат и со шеќер во прав. Овие крофни ги правам во текот на целата година, моите деца многу ги сакаат, а и ние секако. / Фотографија и рецепт на Оска / Coolinarika.com