Обично сите торти кои не се печат се слични во подготвувањето, само кремот е различен. Многу ги сакам затоа што се многу вкусни, се прават многу брзо и лесно и нема валкање на премногу садови, ниту вклучување на рерната. Овој рецепт за торта може да го направи и дете, а тортата изгледа многу декоративно.




Готова е за неполни 5 минути, а потоа се става во фрижидер да се стегне околу 2 часа, па може да се декорира и да се послужи. Пробајте го кремот кој се подготвува многу лесно, а по желба може да мешате два или повеќе кремови за тортата да биде уште побогата. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: кружни бисквити (вкупно 60), 200 мл кафе (нес, турско, еспресо, американо…), 350 мл засладена слатка павлака + 100 мл за подоцна, 1 лажица ванилин пудинг, 1 лажица инстант кафе, малку млеко, 200 г темно чоколадо + уште малку за декорирање.




ПОСТАПКА: Направете 200 мл кафе по ваш вкус, нека биде само со вода. Ако правите туско, еспресо, американо или нес, оставете малку да се олади од топлата вода. Ова кафе е потребно за кратко натопување на кексите.




За крем: Во посебен сад измешајте 1 лажица инстант кафе (нес) со 2-3 лажици млеко. промешајте да се растопи. Во друг сад истурете ја засладената павлака (ако не е засладена, засладете ја по вкус) и додајте 1 лажица прашок од ванилин пудинг и  мешавината од инстант кафе со малку млеко.




Изматете со миксер додека да добиете нежен и густ крем. По желба, можете да направите уште еден чоколаден крем, за тортата да биде побогата и да биде со два различни филови, но нема потреба, бидејќи и на овој начин е многу вкусна, а притоа на горниот дел се премачкува со чоколадо.




Земете една поголема рамна десертна чинија и наредете 9 бисквити во форма на круг, претходно натопени во млакото кафе. Средината ставете уште две цели и две половини бисквити, а празниот простор од страните пополнете го со парчиња изронети кекси. Важно е првиот слој-основата да биде исполнета и да нема празен простор. На средина ставете малку од кремот (кој треба да го поделите на 5 еднакви делови).




Размачкајте го кремот врз бисквитите, а со помош на лажица убаво распоредете го кремот до краевите на секој бисквит (бидејќи се кружни, полесно е со лажица). Израмнете, па наредете втор слој бисквити, па повторно крем и сѐ така додека да направите вкупно 5 слоеви, од кој на последниот се премачкува целата торта со белиот крем.




Ставете ја тортата во фрижидер на ладење околу 2 часа, а пред да ја извадите растопете го темното чоколадо со 100 мл засладена павлака. Ставете ја глазурата во готварски шприц и декорирајте ја тортата по ваша желба. Можете да ја декорирате по страните, така што тенки слоеви од чоколадото ќе се слеваат надолу по тортата.

Одозгора врз тортата, можете да изрендате малку млечно чоколадо. Потоа може веднаш да ја послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.