Пишува: Д-р Роберт Николовски
Имунолошкиот систем и човековата имунологија се многу сложени за проучување, разбирање и докажување. Имуниот систем на човекот се состои од многу мали единици – молекули, кои функционираат совршено, нешто слично како една армија во една држава.
Армијата користи разни видови на војска, оружја и објекти во кои се чува и обучува војската за да ја одбрани својата земја. Имуниот систем е многу сличен со државната армија.
Tој користи многу „војници”, односно клетки, кои се секогаш спремни да нападнат за да го одбранат телото. Такви се: моноцитите, лимфоцитите, леукоцитите, базофилите, еозинофилите, а сите тие ја претставуваат армијата на телото. Лимфните јазли, тонзилите, слезината, тимусот, коскената срцевина и уште многу други делови на телото се базата каде што истите се создаваат, обучуваат (созреваат) и складираат.
Сите овие единици се наменети да „стојат будни” и да ја следат секоја промена на телото, да делуваат брзо и прецизно да ги убијат сите страни клетки, а да ги остават недопрени своите, односно клетките на телото (домаќинот).
Клетките на имунитетот се способни брзо да реагираат да го најдат страниот организам, да го опсонизираат (обележат) и да го убијат. Тие имаат неверојатна способност за мобилизација, размножување и движење.
Постојат многу механизми со кои имуниот систем пробува да се ослободи од страните тела во организамот, ако се потрудиме и го разгледаме начинот на кој повеќето од тие механизми функционираат – ќе останеме воодушевени. Сепак, ова е комплексна наука и е тема на проучување на имунологијата.
Имунологијата е една од најсложените гранки за проучување во медицината па затоа денес нема да се трудам да навлегувам во детали, туку денес, всушност, сакам да зборуваме за ахиловата пета на нашиот имунитет, а тоа е стресот.
Стресот – стимулација и инхибиција на имунитетот
Постојат два видови на стрес. Стрес кој се нанесува краткотрајно и стрес кој се нанесува хронично. Краткотрајниот стрес е добар за имунитетот, го стимулира и активира, а тука спаѓаат разни мали повреди, убоди и други слични работи. Но, хроничниот стрес тешко го потиснува и руши имунитетот.
Хроничниот стрес предизвикува промени во молекуларниот состав на имуниот систем, а што подолго трае – тоа се поголеми шансите истиот да падне до ниво кога нема да биде доволно силен да го одбрани телото, а тогаш истото ќе биде многу подложно на разни страни организми, бактерии и вируси.
Оксидативниот стрес – најмоќен противник на имунитетот и целото тело
Ова најдобро ќе го објаснам ако се вратиме назад, пак потсетувајќи се дека белите крвни клетки се онаа, како што веќе ја нарековме, армија на организмот. Сепак кај клетките на имунитетот мора да постои нешто што ќе одржува постојана комуникација помеѓу нив. Такви протеини постојат во телото и во имунологијата се наречени цитокини.
Имунолошките клетки создаваат цитокини, некои се одговорни за поттикнување на имуниот одговор, други пак се одговорни за инхибирање, во зависност од потребата на телото. Најважно е да постои баланс, правилен баланс, кој ќе овозможи правилно функционирање на телото.
Овој баланс кога е во прашање имуниот систем мора да биде на беспрекорно ниво, но за жал, тој е многу лабилен и често може да биде сериозно нарушен, особено кај стари и изнемоштени лица. Значи, врамнотеженото излачување на „гласниците”, т.е. цитокините, е од суштинска важност за имунитетот.
За да се одржи правилна рамнотежа на имуниот систем, како што веќе спомнав, е потребна доволна количина на одредени антиоксиданси во телото на човекот. Зошто се потребни?
Како што споменавме погоре, имуниот систем реагира на секое страно тело и го уништува, а при тоа се создаваат големи количини на слободни радикали. Истите слободни радикали се уништуваат, поточно кажано се неутрализираат, од страна на антиоксидантите, за да не му наштетат на човековото тело.
Сега дојдовме до точката каде што можеме да го објасниме оксидативниот стрес. Кај многу луѓе кои неправилно се исхрануваат, болуваат од тешка хронична болест, стари изнемоштени и исцрпени луѓе, телото не може да им ги обезбеди овие антиоксиданти, а слободните радикали кои претходно ги споменав, уништуваат клетки на организмот или ја забрзуваат нивната нормална апоптоза (програмирана смрт).
Ова всушност претставува оксидативен стрес, кој прави дисбаланс на целиот имунитет, уништува клетки на телото и на имунитетот, го слабее и го прави човекот ранлив, склон кон многу бактерии, вируси и други страни тела и склон кон појава на најопасните подмолни болести на денешницата – карциномите.
Освен ова, при оксидативниот стрес, често доаѓа и до голема експресија на цитокините, се создаваат огромни непотребни количини на цитокини, а тие можат да излезат од контрола и да се создадат антитела против своите протеини. Односно. антитела кои ќе се однесуваат кон одредени клетки на човековото тело како да се туѓи (страни).
Оваа појава е појава позната под името автоимуност. Тоа е опасна појава против која најчесто нема лек, а лековите, односно имуните супресори, кои се примаат се опасни и ретко даваат добри резултати.
Можам ли нешто да сторам? Како да му помогнам на имунитетот? Како да се одбранам?
Ако сакате да му помогнете на имунитетот, понатаму во животот да ви биде сојузник, да ве чува и штити од околината, морате пред се да внимавате на хигиената, да се храните здраво и да внимавате на стресот.
Доколку стресот ви е неизбежен, пробајте да се занимавате со физичка активност, спорт, рекреација, пешачење, пливање или велосипедизам. Избегнувајте затворени простории, навраќање на мислите на стари и ужасни спомени од минатото, бидејќи тие се потенцијална опасност за имунитетот.
Се надевам дека од ова релативно кратко излагање многумина се запознаа со тоа што е имунитет, зошто антиоксидантите се толку спомнувани и зошто се појавуваат одредени болести, како и најважното – како да се заштитиме.
Како што рекле многумина филозофи: „Проблемот треба да го разберам за да имам волја да го решам.”
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-