Една од најпопуларните и најоптимистични македонски песни, антологиската „Чукни во дрво“, под покровителство на „Алкалоид“ доби нова верзија.
Изведувана и преработувана повеќе од 3 децении од сериозни музичари од земјава и од регионот, овојпат довербата за нејзина изведба авторот Влатко Стефановски им ја додели на најмладите.
Безвременските стихови и уникатната преработка и изведба од децата кои се дел од проектот „Дајте музика“ ќе добијат и хуманитарна нота. Видеоспотот е во режија на Игор Иванов-Изи, за чија реализацијата се погрижи екипа од продуцентската куќа „Вертиго вижуалс“.
Преработката на музиката, која се подготвуваше од јануари годинава, е во реализација на музичкиот продуцент Мите Димовски и студио „Тралала“. „Чукни во дрво“ е песна за пролетта, надежта, среќата и за еланот во новите почетоци, кои во најновиот проект се заокружени под мотото „Здравјето пред сѐ“.
Бендот кој во видеоспотот ја пренесува пораката на благодарност до најзасегнатите општествени категории, според замислата на режисерот Иванов, е омаж на легендарните „Битлси“ од верзијата на нивниот култен албум „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“.
Приказната во видеоспотот поаѓа од изработка на картички, кои најмалите деца ги подготвуваат во училишниот двор, а се наменети за општествените категории граѓани кои, иако беа засегнати со пандемијата, во ниту еден момент не запреа со своите дејности.
Картичките со порака: „Ви благодариме! Здравјето пред сѐ“ поголемите другари и членовите на бендот ги дистрибуираат до полицијата, фармацевтите, пекарите, градскиот превоз, уметниците, здравствените работници и други.
Тие се хероите од времето на новото нормално, кои неуморно се грижеа за навремена достава на храна, лекови и други основни намирници; се бореа за секој човечки живот, се грижеа за јавниот ред и мир, комуналната хигиена, редовниот превоз, доставата и за непречено функционирање на основните потреби на граѓаните за време на пандемијата.
„Чукни во дрво“, со музика и текст на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, за првпат е објавена во 1989 година, како нумера од последниот студиски албум „Путујемо“ на култната група „Леб и сол“. „Алкалоид“ АД упатува посебна благодарност до Влатко Стефановски за пренесените права за користење на песната.
Видеоспотот ќе биде поставен на дигиталните канали на „Алкалоид“ АД (YouTube, Facebook и Instagram). Од 10 јуни до 20 септември 2021 година, по повод својот 85 – годишен јубилеј, компанијата за секој преглед на видеоспотот ќе ѝ донира по еден денар на Универзитетската клиника за детски болести.