Со крстот победувај, со крстот Христов спасувај се!
Молитвата е секогаш богатство од чисти емоции и искрени зборови!
Слава Тебе Господи! На Твојот Чесен Крст!
Нека воскресне Бог и нека се разнебитат непријателите Негови, и нека бегаат од лицето Негово оние што го мразат.
Нека исчезнат како што исчезнува чадот, како што се топи восокот во допир со огнот; така нека изгинат ѓаволите пред лицето на оние кои го љубат Бог и се осенуваат со крсниот знак, и кои радосно говорат:
Радувај се, пречесен и животворен крсте господов, кој ги прогонуваш ѓаволите со силата на распнатиот на тебе Господ нашиот Исус Христос, кој се симна во пеколот и ја сотре силата ѓаволска, и кој нам ни те даруваше тебе, крстот свој чесен, за прогонување на секој противник.
О, пречесен и животворен крсте господов, помагај ми секогаш со светата владетелка, Дева Марија Богородица и со сите светци засекогаш.
Амин.
Глас први: Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство. Дарувај им победа над непријателите на сите наши православни христијани и со крстот Свој заштити го Твоето наследство.
Со крстот победувај, со крстот Христов спасувај се!
На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Јерусалим.
Обиколувајќи ја Светата Земја, светата царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христа.
Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, што на Голгота го подигна царот Адријан.
Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да познае кој од трите е Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец.
Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживеа.
По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов Крст, чесен и животворен. Потоа истиот го положија врз една болна жена и жената оздраве.
Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст.
Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Јерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години.
Во 628 година, грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Јерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи.
Но, одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захарија виде Ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по кој Господ одеше бос и понижен.
Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.