ЧОКОЛАДНИ ТОПЧИЊА ЗА 10 МИНУТИ: без печење, без брашно и без масло. Рецепт на Вкусна Минута. Многу вкусни чоколадни топчиња со вкус на тирамису, одличен десерт за кога ви се јаде нешто благо, а немате многу време за подготовка.
Се подготвуваат без брашно и без масло, а по вкус може да ги филувате, но и празни се исто многу сочни. Јас ќе ви ги прикажам и двата начина, а ниеден од нив нема да ви одземе повеќе од 10-15 минути подготовка. Одлично се комбинираат со кафе и најпребирливите гости ги сакаат.
Потребни состојки: 1,5 лажичка инстант кафе (може да користите нес кафе), 30 мл топла вода, 250 г маскарпоне, 50 г шеќер во прав, неколку капки ванилин екстракт, 140 г пишкоти (или плазма/мелени бисквити), какао за наросување, Нутела по потреба.
Постапка: Во сад се додава кафето и се прелива со 30 мл топла вода. Се промешува додека се раствори кафето во водата и се трга настрана целосно да се олади. Во друг сад се додава маскарпонето и се разматува со маталка-жица.
Во маскарпонето се додава шеќерот во прав и се соединува. Се капнуваат неколку капки екстракт од ванила, а може да користите и половина кесичка ванилин шеќер, па во оваа смеса се додава изладеното кафе и целата смеса се соединува.
Пишкотите се кршат на помали парчиња и се сомелуваат во блендер. Може да користите и плазма или да изблендирате бисквити наместо пишкоти. Мелените пишкоти се додаваат во смесата и се заедно се соединува до формирање на конзистентност слична на влажен песок. Смесата се става во фрижидер да се стврдне околу 30 минути.
Со лажица се црпи од смесата и се формираат топчиња со рацете. Секое топче се валка во какао и се редат на чинија. Ова е првиот начин доколку топчињата ги подготвувате празни, без фил.
За филувани колачиња, кога црпите од смесата, прво со рацете ја развлекувате во круг. Во средина ставате од Нутелата и затворате по страните и обликувате топче. И овие колачиња се валкаат во какао.
Од оваа количина излегуваат 15 колачиња, но верувајте дека веднаш ќе се изедат, па како идеја ви предложувам да си направите едни со фил, а други без. Децата најмногу ги сакаат, па дури и оние најпребирливите. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.