ЧОКОЛАДНИ МЕУРЧИЊА ОД 3 СОСТОЈКИ: дечињата најмногу им се радуваат. Рецепт на Вкусно и Брзо. Едноставен чоколаден десерт кој се подготвува многу лесно. За 5 минути ќе ви биде подготвен и го ставате уште 15-20 минути во фрижидер малку да се стегне. Овој десерт можеби ќе ве потсети на Милка чоколадото со вакви меурчиња, а ова е домашната, поевтината и поздравата верзија од тоа.




Без печење, шеќер и желатин, а ќе го правите постојано. За да го подготвите десертот ќе ви бидат потребни следниве состојки: 110 г млеко во прав, 80 мл топла вода и 140 г чоколадо за готвење.

Постапка: Во нелепливо тавче на рингла ставете го млекото во прав. Ринглата вклучете ја на средно-ниска температура. Потоа додајте ја водата и промешајте со шпатула.




Кога смесата ќе се соедини односно ќе се направи како цврста маса (со постојано мешање) тргнете од рингла и почекајте малку да се излади за да не се изгорите при формирањето на топчињата.

Започнете да формирате топчиња во различна големина. Црпете по малку од смесата и во намастени раце со масло обликувајте топчиња кои ќе ги редите на рамна чинија. Некои направете ги мали, некои средни, а направете и неколку големи.




Потоа растопете го чоколадото и ставете го во голем готварски шприц и исцртајте правоаголник со средна големина (како што е прикажано на видеото подолу). Во правоаголникот ставете малку од растопеното чоколадо и со шпатула премачкајте ја целата површина во него.




Потоа одозгора наредете ги топчињата едно до друго и на крајот прелијте го правоаголникот со преостанатото чоколадо за да се прекријат топчињата. Вака подготвениот десерт ставете го во фрижидер да се стегне 20 минути, а потоа послужете. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.




Ако за дечињата го правите вкусното чоколадо, за вас ви претставуваме превкусен брз колач кој се пече во микробранова печка само 6 минути. Доколку немате таква можност, тогаш се пече во обична рерна на 180 степени околу половина час до 40 минути.




Потребни состојки: 220 г брашно, 30 г какао, 10 г прашок за печиво, 130 г шеќер, 100 мл масло, 300 мл топла вода, калап 16х26 см. За глазура: 150 г чоколадо, 3-4 лажици масло +малку сечкани лешници/ ореви/кикирики по вкус.




Постапка: Просејте ги брашното, какото и прашокот за печиво. Додајте 130 г шеќер и промешајте за да се изедначат сувите состојки. Во мешавината додајте 100 мл масло, 300 мл топла вода и уште еднаш промешајте со жица за да се изедначат состојките.




Ќе добиете мазна и сјајна чоколадна смеса. Во неметален сад со димензии 16х26 см претходно обложен со хартија за печење, излејте ја добиената смеса и рамномерно распоредете ја. Ставете да се испече во микробранова печка 3 минути. Ако немате микробранова печка, тогаш печете во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути.




Кога ќе изминат 3 минути, извадете го колачот од микробрановата печка, но ќе забележите дека не е целосно готов, па вратете го на уште 3 минути. Проверете со чепкалка кога е готов. Печениот колач оставете го 4-5 минути да излади, а потоа превртете го врз чинија за послужување и отстранете ја хартијата за печење.




Чоколадна глазура: 150 г чоколадо и 3-4 супени лажици масло растопете на тивок оган или во микробранова печка. Додајте малку сечкани ореви или лешници или кикирики по желба и промешајте. Прелијте го колачот одозгора, па оставете го во фрижидер да излади и да се стегне.