Првпат оваа торта ја направив за роденденот на татко ми. Беше негова желба, ми рече: „Да биде чоколадна, ама да не е премногу блага, малку да освежува и да биде кремаста, од оние „лапни-голтни“, лесна за јадење..“




И тогаш ја најдов оваа прекрасна комбинација од чоколадо и портокал, толку едноставна, а предобра, ја изедовме веднаш штом почнавме со сечење. Секој побара уште по едно парче и за еден час „мав“ и направивме. Оттогаш често ја правам за разни поводи, но и без повод, онака, за заблажување…Еве што ви е потребно според рецептот на Тамара:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 5 јајца, 100 г шеќер, 100 г брашно, 40 г какао во прав, 1 портокал (рендана кора), 1 кесичка бванилин шеќер, 2 мали лажички прашок за печиво (1 кесичка), 50 г мармалад (по можност од портокал)

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 300 г темно чоколадо за готвење, 600 мл слатка павлака за шлаг, 20 мл ликер од портокал, 50 г грубо сечкано чоколадо или чоко-трошки. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 2 портокали, малку гријаж од лешник, 2-3 коцки чоколадо со портокал




ПОСТАПКА: Во посебни садови одвојте ги белките од жолчките. Пенасто изматете ги жолчките со половина од вкупниот шеќер и ванилин шеќер, додека тој да се растопи и смесата да осветли и згусне како крем (приближно 8 минути матење со миксер).




Рерната вклучете да се загрева на 170 степени. Со чисти и суви маталки пенасто изматете ги белките, па започнете постепено да го додавате преостанатиот шеќер, малку по малку. Матете сè додека да добиете толку цврст снег што кога ќе го превртите садот, тој не паѓа од него.




Потоа започнете лажица по лажица да го додавате во изматените жолчки. Бавно мешајте со кујнска маталка-жица, лажица или шпатула, со протресување и превртување на смесата црпејќи од долу кон горе, за да се сочува пенливоста на смесата. Соединете ги белките и жолчките.




Во изедначената мешавина постепено започнете да ги додавате сувите состојки, и тоа најдобро просеани низ сито. Во посебен сад измешајте го брашното, какаото и прашокот за печиво. Кога ќе добиете хомохена и изедначена смеса, на крај додајте и промешајте ситно рендана кора од портокал.




Добиеното тесто излејте го во калап за торти со пречник 26 см, претходно намастен и наросен со малку брашно. Израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени, 20 минути. Тргнете го обрачот од топлиот бисквит и веднаш премачкајте го со мармалад. Ако немате од портокал, тогаш користете од кајсии. Оставете целосно да се олади.




ЗА КРЕМ: Чоколадото растопете го на пареа. Слатката павлака (ладна од фрижидер) изматете ја во шлаг, па во неа додајте го растопеното чоколадо и ликерот од портокал. Не претерувајте премногу со матење за да не добиете путерест и премногу цврст шлаг. На крај додајте ситно сечкано чоколадо или чоколадни трошки и промешајте со лажица.




На овој начин ќе добиете пенаст „мус“. Вратете го обрачот на тортата, па со овој крем премачкјате го оладениот бисквит (проверете претходно дали се оладил). Вака приготвената торта оставете ја да се лади во фрижидер пред декорацијата, најмалку 3-4 часа. За декорација:




Портокалот филетирајте го: со оcтар нож отсечете ја кората и онаа бела кожичка која се наоѓа непосредно под кората, па помеѓу преградните кожички вадете чисти филети од портокалот. Остатокот од кората исечете го на тенки лентички, па заедно со филетите кандирајте ги. Кога сè е готово декорирајте со парчињата портокал, гријажот од лешник и сечкано чоколадо, или пак, декорирајте по ваш вкус. / Тамара / Сооlinarika.сom