Ова е една многу едноставна торта со пишкоти и чоколаден крем, без готвење и без печење. Најдобро е првиот дел од кремот да се приготви одвечер или наутро, па подоцна само да ја наредите тортата. Уште една напомена: има баш многу крем и тортата е идеална за сите оние кои се љубители на кремасти торти.
Со овој крем можете да филувате големи торти со големи бисквитни кори, на пример готови какао кори, во кремот можете да додавате ореви или лешници, подложен е на сите можни комбинации. Густината на кремот може да варира во зависност од тоа која слатка павлака ја користите или од чоколадото.
Затоа, најпрво изматете го кремот, па видете каква густина ќе добиете, па додајте ја едната кесичка шлаг крем, а ако е потребно и втората. Ако сте ја постигнале густината со првата кесичка, тогаш не ја додавајте втората. Ова е наједноставната чоколадна торта со пишкоти, без готвење и без печење. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар слатка павлака, 400 г темно чоколадо (може за готвење или некое квалитетно со висок % на какао), 160 г млечно чоколадо, 4 пакувања пишкоти, 2 кесички шлаг крем од чоколадо (120 г) и малку млеко за натопување на пишкотите
ПОСТАПКА: Јас користев засладена растителна слатка павлака (препорачувам млечна, но во моментот немав). Единстевно на што треба да внимавате е дали павлаката е засладена или не. Мојата беше засладена и тортата не беше премногу слатка. Ако користите незасладена, тогаш додајте 200 г шеќер во прав.
Сипете ја слатката павлака во едно тенџере и ставете ја на рингла да се загрева на умерена температура. Загрејте ја до точка на вриење, но не смее да ви проврие, зашто ќе го промени вкусот и нема да биде убава.
Со топлата слатка павлака прелијте го чоколадото искршено на коцки, оставете една минута, па промешајте додека сето да се растопи и да добиете фина, мазна, еднолична чоколадна смеса. Оставете да се олади најпрво на собна температура, а потоа во фрижидер неколку часа.
Најдобро е ова да се направи одвечер или наутро. Јас го ладев кремот еден час на собна температура, еден час во фрижидер и уште еден час во замрзнувач. После ладењето треба добро да се измати со миксер додека да се добие густ, полутечен крем.
Потоа додајте го шлаг кремот, така, во прашкаста состојба, па сето заедно изматете го. Пишкотите поделете ги на три делови. Можете да ги сипете во тацна, но препорачувам калап или тепсија.
Јас користев калап 30х20 см обложен со фолија. Потрошив половина литар млеко за натопување, бидејќи користев подебели пишкоти (ако користите потенки, тогаш само многу кратко натопувајте ги, а подебелите малку повеќе).
Во млекото можете да додавате по желба нес кафе или рум. Исто така, во филот можете да додавате лешници, ореви, сечкани крем бананчиња, што ни да сакате по ваш вкус. Филот е база и лесно подложен на промени.
Уште еден совет што се однесува до филот: излегува голема количина, за кремаста торта, а доколку не сакате толку многу крем, тогаш правете половина од вкуспната количина. Ќе биде малку пониска торта, но пишкотите ќе дојдат до израз. Ако додавате печен лешник, додајте најмалку 200 г.
После редењето и мачкањето (ќе ви остане уште крем) оставете ја тортата во фрижидер да се олади, па превртете ја врз тацна и со кремот што ќе ви преостане премачкјате ја целата торта. Филот исто така, чувајте го во фрижидер. Декорација не е потребна (по желба). Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.