Откога го најдов рецептот на Александар за овој чоколаден колач, не сум направила ниеден друг. Вкусот е неверојатен, никој не би помислил дека е здрав и дека не дебелее. Со домашните го обожаваме и секогаш кога ќе ни се пријаде благо, јас станувам и го правам за кратко време. Единствено што треба да се чека е да се олади во фрижидер.




Колачот е лесен и многу сочен, а бидејќи јас сум голем љубител на благото, овој колач ми се најде многу, особено поради тоа што внимавам на исхраната и редовно спортувам, па затоа можам да си дозволам по едно или две парчиња и досега одлично ми оди, килограмите не ми се зголемиле. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 100 г бадемово брашно (мелени бадеми), 80 г јаворов сируп/мед или некоја друга замена за шеќерот, 10 г прашок за печиво, малку ванилин екстракт, 2 лажици незасладено какао. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 100 г неутрална павлака со 33% масленост (или слатка павлака за шлаг), 150 мл вода, 20 г темно чоколадо, 1 лажица незасладено какао, 1 лажица мед/јаворов сируп. ЗА КРЕМОТ: 30 г темно чоколадо, 1 лажичка неутрална павлака, 160 г крем сирење, 2 лажички какао, 20 г мед/јаворов сируп.




ПОСТАПКА: За да го подготвите бисквитот, т.е. основата на колачот, во еден сад скршете 4 јајца и нежно разматете ги со жица/маталка. Кога јајцата ќе се разредат, додајте 100 г бадемово брашно (ако не можете да најдете по маркетите, едноставно сомелете ги бадемите). Промешајте го брашното додека да се соедини во јајцата.




Засладете со мед/јаворов сируп или некој друг природен засладувач, па потоа додајте малку ванилин екстракт за арома. Додајте го прашокот за печиво и на крај ставете го какаото, па сѐ соединете во еднолична и течна смеса со средна густина. Смесата не треба да има грутчиња од брашното и останатите суви состојки.




Подгответе си еден квадратен плех и обложете го со хартија за печење. Користете плех со помали димензии за колачот да може убаво да се надигне, за да го пресечете на половина и да добиете 2 кори. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени и печете го колачот околу 35 минути. Потоа, оставете ја кората да се олади, па пресечете го напречно на два дела.




Во меѓувреме подгответе ја смесата за преливање. Во едно тенџере излејте 100 мл неутрална павлака, 150 мл вода, додајте 20 г црно чоколадо на коцки, 1 лажица какао и 1 лажица мед/јаворов сируп. Ставете го тенџерето на рингла и со нежно мешање соединете ги состојките додека чоколадото да се растопи, па тргнете од рингла и оставете малку да се олади.




ЗА КРЕМОТ: Растопете 30 г темно чоколадо со 1 лажица неутрална павлака на рингла/пареа или во микробранова печка. Настрана изматете го крем сирењето со 2 лажици какао, 2 лажици мед/јаворов сируп и додајте го растопеното чоколадо. Измешајте ги состојките додека да се изедначат во фин крем кој лесно се размачкува.




ФИЛУВАЊЕ: Првата кора добро хидрирајте ја со смесата за преливање. Оставете да отстои неколку минути додека добро да го впие преливот и да стане сочна, а потоа нежно премачкајте со половина од чоколадниот крем и добро израмнете. Одозгора ставете ја втората кора и на истиот начин натопете ја, па премачкајте го целиот колач со втората половина од кремот, вклучувајќи ги и страните.

Колачот може веднаш да го послужите или да го ставите во фрижидер да се олади на неколку часа (така е повкусен) или преку цела вечер. Може да го декорирате со неколку бобинки, на пример, боровинки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.