Чоколадните колачи, особено оние кои се топат при секој залак се едни од најубавите безвременски десерти. Не треба многу труд за да го подготвите следниот колач, а не одзема ни многу време. Понекогаш се прикривам во кујната на 15-тина минути и за кратко време ги изненадувам домашните со овој колач. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 литар млеко, 100 г шеќер, 400 г слатка павлака, 60 г густин, 50 г какао во прав, 250 г квалитетно црно чоколадо, 5 г желатин во прав.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 120 г путер, 2 јајца, 8 лажици шеќер, 4 реда чоколадо, 200 г мелени ореви, малку рендано мускантно оревче, 200 мл млеко, 8 лажици брашно, 1 прашок за печиво.
ЗА КРЕМ: 500 мл млеко, 1 пудинг од ванила, 100 г шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, 130 г путер. ГЛАЗУРА И ШЛАГ: 100 г чоколадо, 2 лажици масло, 2 кесички шлаг.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Одземете малку млеко од еден литар, а остатокот ставете го на оган заедно со 100 г шеќер и 400 мл слатка павлака. Во одземеното млеко разматете 60 г густин и 50 г какао во прав, па добро промешајте да нема грутки. Треба да добиете мазна смеса.
Постепено започнете да го додавате во зовриеното млеко, најдобро преку цедалка за да се добие мазна структура без грутчиња. Мешајте постојано на намалена температура додека да згусне смесата. На крај додајте 250 г црно чоколадо искршено на коцки, 5 г желатин во прав и промешајте да се растопат и соединат во смесата.
Долгнавест калап со димензии 30х10 см обложете со проѕирна фолија (внимавајте да нема набори, па затоа добро оптегнете ја фолијата), па во него излејте ја целата содржина. Оставете да излади некое време на собна температура, а потоа и во фрижидер, најдобро преку цела ноќ.
Следниот ден превртете го колачот врз чинија за сервирање и отстранете ја фолијата. Одозгора наросете какао или чоколадо во прав.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Пенесто изматете ги јајцата, путерот и шеќерот, па додајте го растопеното чоколадо, оревите, мускатно оревче и млеко. Брашното помешајте го со прашок за печиво и додајте го во приготвената смеса.
Смесата излејте ја во долгнавест калап обложен со хартија и печете во загреана рерна 30 минути на 200 степени. Печениот бисквит изладете го и пресечете го надолжно за да добиете две еднакви кори.
За крем: Пудингот сварете го во половина литар млеко според упатството од кесичката и оставете да излади. Посебно изматете го путерот со шеќер во прав, ванилин шеќер и промешајте го во изладениот пудинг.
Првата кора премачкајте ја со приготвениот крем, прекријте со втората кора, па најгоре нанесете го изматениот шлаг и обликувајте во полукруг како тунел. Вака приготвено ставете во фрижидер да се стегне. Чоколадото растопете го со малку масло и прелијте преку изладениот колач. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.