Ако си мислевте дека за 6 минути не е возможно да се приготви било какво вкусно јадење или дури и торта или колач – тогаш сте се излажале. Овие рецепти што ќе ги прочитате во продолжение го докажуваат спротивното. Солено или слатко јадење – сè е можно за шест минути!
I РЕЦЕПТ – Чоколаден колач готов за 6 минути – се топи во уста
Превкусен брз колач кој се пече во микробранова печка само 6 минути. Доколку немате таква можност, тогаш се пече во обична рерна на 180 степени околу половина час до 40 минути. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото под пишаниот рецепт.
Потребни состојки: 220 г брашно, 30 г какао, 10 г прашок за печиво, 130 г шеќер, 100 мл масло, 300 мл топла вода, калап 16х26 см. За глазура: 150 г чоколадо, 3-4 лажици масло +малку сечкани лешници/ ореви/кикирики по вкус
Постапка: Просејте ги брашното, какото и прашокот за печиво. Додадете 130 г шеќер и промешајте за да се изедначат сувите состојки. Во мешавината додадете 100 мл масло, 300 мл топла вода и уште еднаш промешајте со жица за да се изедначат состојките.
Ќе добиете мазна и сјајна чоколадна смеса. Во неметален сад со димензии 16х26 см претходно обложен со хартија за печење, излејте ја добиената смеса и рамномерно распоредете ја. Ставете да се испече во микробранова печка 3 минути. Ако немате микробранова печка, тогаш печете во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути.
Кога ќе изминат 3 минути, извадете го колачот од микробрановата печка, но ќе забележите дека не е целосно готов, па вратете го на уште 3 минути. Проверете со чепкалка кога е готов. Печениот колач оставете го 4-5 минути да излади, а потоа превртете го врз чинија за послужување и отстранете ја хартијата за печење.
Чоколадна глазура: 150 г чоколадо и 3-4 супени лажици масло растопете на тивок оган или во микробранова печка. Додадете малку сечкани ореви или лешници или кикирики по желба и промешајте. Прелијте го колачот одозгора, па оставете го во фрижидер да излади и да се стегне. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – ЛАЗАЊИ готови за 6 минути – омилениот италијански специјалитет
Омилениот италијански специјалитет во експресно – брза варијанта! Доколку користите неготвени лазањи, оставете ги да омекнат во топла вода пред приготвување.
Потребни состојки: 1 лажичка маслиново масло, ½ чешне лук, 1 лажица свежо оригано или ½ лажичка суво оригано, 1 шолја сечкани домати, ½ лажичка сол, ¼ лажичка црн пипер, 2 кори лазањи, ¼ шолја рикота сирење, 3 – 4 парчиња моцарела, 1 лажица пармезан, 1 лажица свеж босилек, готов болоњезе сос, печурки по желба
Постапка: Пригответе чисти тегли и во нив измешајте масло, лук, печурки, оригано, доматен сос, болоњезе сос, сол и црн пипер. Ставете во микробранова печка на 1 до 2 минути колку да омекне зеленчукот.
Земете втора шолја па редете ред искршени лазањи, ред сос, па ред сирење. Завршете така што горниот слој ќе биде пармезан. Вратете во микробранова печка на 30-60 секунди, во зависност од јачината.
III РЕЦЕПТ – Солени тостерки со сусам и кашкавалче, се прават за 5-6 минути – одлична закуска. Фотографија и рецепт на “Бјутишоп” Соња – солени тостерки со сусам и кашкавалче.
Рецептот за овие многу вкусни тостерки кои одлично одговараат како меѓуоброк или закуска, ни го претстави нашата драга членка Соња во групата НМД рецепти.
Потребни состојки: 500 г брашно, 100 мл млака вода, 100 мл масло, 1 јајце, 1 лажичка сол, 50 г сусам, 125 г маргарин / путер на собна температура, 1 прашок за печиво, рендан кашкавал – една рака, по избор
Постапка: Во омекнатиот путер се додава јајцето и со виљушка се размешува, па се додава маслото и млака вода. Се посолува и постепено се додава брашното и прашокот за печиво.
Кога ќе се изедначи смесата се додава сусам и рендан кашкавал, па уште малку се меси за да се изедначи. Потоа од тестото се формираат топчиња со големина на пинг понг топчиња. Тостерот се загрева и се редат топчињата на растојание, па се печат додека да заруменат.