Многу вкусно и брзо. Многу убав, кремаст колач со неодолив вкус, се топи во уста, често ќе го правите, особено за некои свечени пригоди. За подготовка на овој колач нема да извалкате премногу садови и нема да ви одземе многу време за подготовка.




Колачот се состои од две различни кори, два крем фила кои се мешаат во еден и одозгора се премачкува во чоколадна глазура. Потребни состојки: 6 јајца, 200 г шеќер, 4 лажици зовриена вода, 150 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 лажици какао.




За првиот крем: 5 жолчки, 200 г шеќер, 300 г путер. За вториот крем: 350 мл млеко, 1 кесичка пудинг од ванила, 3 лажици шеќер и уште 2 кесички ванилин шеќер. За глазура: 100 г млечно чоколадо, 25 г путер, 2 лажици млеко.




За втората кора ќе ви бидат потребни следниве состојки: 5 белки, 160 г шеќер, 3 лажици брашно, 250 г пропржени, оладени, а потоа сомелени ореви. Постапка: За подготовка на првата кора во еден сад се матат 6 јајца заедно со шеќерот, а потоа се додава зовриената вода и сè се соединува.




Во друг сад се мешаат сувите состојки: брашното, прашокот за печиво и какаото. Сувите состојки се додаваат во смесата од течни состојки, се соединува и се прелива во плех/калап обложен со хартија за печење (25×30 см). Koрата се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-тина минути.




По печењето, кората се дели на две еднакви половини, така да добиете две тенки кори со големина на калапот. Првата кора се става во плехот/калапот, по можност со мобилен обрач, од каде ќе може лесно да ја извадите тортата за послужување.




Подготовка на првиот крем: Пенасто се матат жолчките со шеќерот, па смесата се става на пареа малку да се згусне. Потоа се трга и се остава целосно да се излади настрана. По ладењето, пенасто се мати путерот, па се соединува со ладниот крем.




Подготовка на вториот крем: Млекото, прашокот за пудинг, шеќерот и ванилиниот шеќер се соединуваат во тенџере, па смесата се става да се готви на тивок оган до згуснување. Потоа, се трга од рингла и се остава во фрижидер целосно да се излади.




Двата ладни кремови се соединуваат па половина се премачкува на првата кора која веќе е испечена и добро се измазнува. Другата половина се остава за премачкување на втората кора која се подготвува вака: пенасто се матат белките со шеќерот.




Потоа во пенастата смеса се додаваат мелените ореви, се промешува, па се додаваат уште 3 лажици брашно. Смесата се прелива во плех обложен со хартија за печење (по можност истиот во кој ја печевте првата кора) и се става да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути.




По печењето, оваа кора се става врз првата филувана, се премачкува со преостанатиот крем и добро се измазнува, па врз неа се става втората половина од првата кора. Колачот се става во фрижидер малку да се подизлади.

Подготовка на глазурата: Во сад на пареа се растопуваат чоколадото, млекото и путерот, па се премачкува низ целата торта. Тортата се става на ладење во фрижидер околу 6 часа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.