Брз и едноставен десерт кој можете секојпат да го приготвувате и да го послужите со кафе или чај. Ќе ви одземе само пет минути за подготовка, која е толку многу едноставна, што и почетник може да ја приготви оваа торта.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВА: 200 г какао кекси (или какви имате), 200 г несолен путер. За крем: 400 г крем сирење филаделфија или некое по ваш избор, 120 г путер, 150 г бело чоколадо, 150 г црно чоколадо, 200 г слатка павлака (хопла 33%), 50 г темно чоколадо + 50 мл слатка павлака
ПОСТАПКА: Искршете ги бисквитите на крупно и сомелете ги во блендер. За да се добие констраст и тортата да има ефект на страчатела колач, најдобро е ако користите темни, односно какао кекси.
На страна растопете 200 г несолен путер (подобро е да користите путер одошто маргарин, има поубав вкус), па малку подизладете го, но да остане течен. Може да го растопите на пареа, на тивок оган или во микробранова печка.
Растопениот додајте го во мелените кекси и промешајте за да се соединат состојките. треба да добиете конзистенција на влажен песок. Калап за торти со флексибилен обрач 18 см, обложете го со хартија за печење на дното и на страните.
Смесата од кекси и путер распоредете ја на дното и притиснете малку со лажицата за да се натапка. Тоа е основата на тортата. Додека го приготвувате кремот, калапот можете да го оставите во фрижидер на ладење.
За крем: Во подлабок сад за матење ставете 330 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија и сл.) и додајте 120 г несолен путер претходно омекнат на собна температура.
Изматете пенасто додекас двете состојки да се соединат. Белото чоколадо искршете го на коцки, па и него растопете го на пареа или во микробранова печка, па додајте го во изматениот крем од путер и крем-сирење.
Изматете уште една минута колку да се инкорпорира во кремот. На страна пенасто изматете 200 мл слатка павлака додека да добиете густина на шлаг. Добиениот шлаг додајте го во кремот и промешајте внимателно со шпатула за да се соедини, а сепак смесата да остане воздушеста.
Врз даска за сечење ситно исечкајте го чоколадото на парченца со неправилни големини и додајте ги во кремот. Промешајте, па добиената смеса излејте ја во калапот врз основата од кекси и убаво распоредете и израмнете.
Растопете 50 г темно чоколадо и соединете го со 50 мл слатка павлака за да добиете чоколадна глазура. Прелијте преку колачот и направете шари. Оставете ја тортата во фрижидер најмналку четири часа или преку цела ноќ за да се стегне убаво. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.