Пробајте ја оваа брза, евтина и голема чоко банана торта од која излегува многу количински. Кога ќе се пресече на парчиња, изгледа многу декоративно и богато, а секого ќе го воодушеви со својот вкус.
За да ја приготвите оваа превкусна торта со банани ќе ви биде потребно да издвоите кратко време и малку состојки. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 180 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, 180 г гранулиран шеќер, 150 г масло, 1/2 лажичка сол, 2 јајца, 160 мл млеко, 200 г банани, 1 лажичка екстракт од ванила.
ЗА КРЕМОТ: 200 мл неутрална павлака, 20 г шеќер во прав, 50 г темно чоколадо и уште 50 мл неутрална павлака.
ЗА ГЛАЗУРА: 120 мл неутрална павлака, 100 г темно чоколадо, 15 г несолен путер.
За овој колач ви е потребен калап со димензии 25.4 x 25.4 см, а може да користите и слични димензии 24/25/26 см.
ПОСТАПКА ЗА ПАНДИШПАНОТ: Во еден подлабок сад издробете ги бананите со виљушка, како пире, па во садот скршете ги двете јајца кои претходно треба да отстојат на собна температура.
Промешајте ги состојките со жица/маталка, па додајте го шеќерот и екстрактот од ванила, па кога сѐ ќе соедините, започнете постепено да го излевате млекото во тенок млаз додека непрекинато матите со жицата/маталката.
Додајте го маслото, солта и изедначете ги состојките во фина и еднолична смеса.
Низ сито, на неколку наврати додавајте го просеаното брашно, измешано со прашокот за печиво и со сода бикарбоната. Соединете ја смесата во хомогена смеса, нешто погуста од онаа за палачинки.
Плехот за печење намастете го или обложете го со хартија за печење и во него излејте ја целата смеса. Изедначете, па протресете го плехот од работната површина за да излезат меурчињата.
Печете во загреана рерна на 170 степени, 30-35 минути. По печењето, проверете го колачот со чепкалка дали е испечен.
Доколку чепкалката остане сува, извадете го колачот од рерна и оставете да се олади. Пандишпанот треба да добие златножолта боја. Во меѓувреме подгответе го кремот.
ЗА КРЕМОТ: Во микробранова печка или на пареа растопете го чоколадо со 50 мл неутрална павлака.
Во подлабок сад измиксајте ја преостанатата слатка павлака со шеќерот во прав во цврст снег, па излејте го во неа растопеното чоколадо и сѐ соединете со миксер во едноличен крем.
Кога пандишпанот ќе се олади, превртете го наопаку, па целиот премачкајте го врз него и добро израмнете го.
За израмнувањето да ви биде полесно, кремот може да го ставите во готварски шприц и да го премачкувате во ленти, додека целосно да го потрошите.
Израмнете ја тортата, особено внимавајте на краевите да бидат добро израмнети, па ставете ја во фрижидер на ладење, приближно 1-2 часа.
По изминатото време, подгответе ја чоколадната глазура, со растопување на путерот, чоколадото и павлаката на пареа, па излејте преку тортата (да не биде многу врело).
Вратете ја тортата во фрижидер додека чоколадото да се стегне, а потоа послужете ја со сечење на коцки и шолја кафе. Деталите погледнете ги ОВДЕ.