Рецепт и видео презентација на Аурора рецепти – како се развлекуваат домашни кори на брз и лесен начин.
Нема ништо поубаво од домашно развлечена пита. Порано се приготвувала многу често и се јадела како главен оброк. Денес ретко кој знае да развлекува домашни кори, а овој рецепт ќе им користи најмногу на младите домаќини и домаќинки кои сакаат да научат како се приготвува убава домашна пита.
Потребни состојки:
1 кг брашно
70-80 мл масло
1 лажица сол
500-600 мл млака вода
за фил:
300-400 г сирење
6 јајца
Постапка:
Во подлабок сад ставете го брашното, додадете масло и сол, па со постепено додавање на млака вода замесете тесто. Тестото мора да го почувствувате под рака, не смее да биде тврдо и жилува, туку меко. Тестото треба добро да се измеси и да не се лепи на раце.
Откако вака добро ќе го замесите тестото поделете го на три поголеми топки. Доколку правите помали кори, тогаш направете повеќе, а помали топки.
На малку набрашнета површина развлечете ги топките тесто со помош на оклагија. Кората треба да биде со приближна величина на една средна пица. Преку целата површина намастете ја со масло и оставете ја во сад, исто така намастен.
Наместо масло може да користите и растопена маст. Вака намастени корите треба да одморат 15-тина минути за полесно да се развлекуваат. Во просторијата каде се работи со тестото треба да биде топло. Постапката повторете ја и со останатите теста. Додека корите одмораат, пригответе го филот.
Започнете со развлекувањето: подигнете ја првата кора а рацете нека ви бидат во средината, па постепено вртете ја кората за да се развлечат сите страни подеднакво.
Потоа положете ја врз работна површина покриена со чаршав, па постепено и внимателно тегнете ги краевите со помош на вашите прсти и движете се кружно околу целата кора. На крај искинете го работ на кората (дебелиот дел од крајот).
Врз целата кора нанесете рамномерно од филот и наросете малку масло. Потоа од едната страна подигнете го шаршавот така да се преклопи кората со воздушни џепови и да започне да се тркала во ролна.
Со постепено подигнување на чаршавот завршете го виткањето на ролната. Краевите потсечете ги па нежно ролната свиткајте во плехот спирално, во вид на полжав. Следните кори кои ќе ги свиткате во ролна само надоврзете ги на претходната.
Одозгора намастете ја со малку масло па ставете ја да се пече во добро загреана рерна на 220 степени. Ако забележите дека брзо ви зацрвенува одозгора ставете фолија или хартија за да не ви изгори.
Кога убаво ќе се испече одозгора испрскајте ја со малку вода и покријте ја со памучна крпа додека малку да подизлади и омекне. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.