Одличен посен рецепт за брза алва како што ја правеле нашите баби и нивните баби пред нив… За да биде чоколадна алвата се додава чоколадо во прав или какао, секој по вкус, но може да се стави и пудинг во прав, од чоколадо, но и од јагоди или малини, па да ја направите двобојна…
Потребни состојки: 1 шолја (за кафе) вода, 2 шолји масло, 6 шолји шеќер, 6 шолји брашно, 1 шолја чоколадо во прав или какао. По желба: суво грозје, ореви, лешници, бадеми, итн…
Постапка: во подлабок сад ставете масло, вода и шеќер, па ставете на оган… Брашното помешајте го со чоколадото или какаото. Кога шеќерот ќе се растопи и смесата ќе зоврие, полека додавајте го брашното со какао и мешајте.
Мешајте уште неколку минути додека смесата да се изедначи и брашното да се свари. Додадете суво грозје, ореви… Излејте ја смесата во помала тепсија и израмнете. Кога малку ќе подизлади, исечете ја на коцки. / Амела Исановиќ / Сооlinarika.com
II РЕЦЕПТ – Пригответе за многу кратко време вкусна алва со овој едноставен рецепт
Потребни состојки: 100 г путер или маргарин, 100 г брашно, 100 г шеќер, 200 мл вода и 1 ванилин шеќер.
Постапка: Растопете 100 г путер, па коца целосно ќе се растопи додајте 100 г брашно. Непрекинато мешајте приближно 5-10 минути. Бидете внимателни и не прекинувајте со мешањето затоа што многу лесно може алвата да изгори. Во друг сад ставете 200 мл вода, 100 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер.
Ставете да зоврие и да се растопи шеќерот. Кога смесата со брашното и путерот е готова, односно кога малку ќе пожолти, додајте го шеќерниот сируп кој претходно го сваривте и веднаш поклопете за да не ве испрска. оставете така 10-тина секунди, па продолжете да мешате за да не се создадат грутчиња.
Алвата вадете ја со лажица во чинија или полнете калапи со различни фигури. Можете да ја излеете и во некој плех претходно намастен или обложен со проѕирна фолија, па откако ќе олади да го сечете на парчиња по ваша желба. Оставете ја алвата во фрижидер малку да се олади, а потоа наросете ја со малку мелени ореви и послужете ја. / Coolinarika.com
III РЕЦЕПТ – Домашна алва со бадем и лешник, преслатка!
Домашна алва со бадем и лешник , преслаткааа… Сè што ви е потребно е едно убаво длабоко тавче, дрвена лажица, кафеав шеќер, гриз, вода, масло и бадемчиња или лешничиња или нешто по ваш вкус. / Фотографија и рецепт на Елена Сетинова
Потребни состојки: 1/2 филџан масло, 1/2 филџан шеќер, 1 филџан гриз, 3 филџани млака вода, бадеми и лешници
Постапка: 1/2 филџан масло, 1 филџан шеќер и 1 филџан гриз се пржат во длабоко тавче. Кога ќе добијат боја на старо злато се додаваат 3 филџани млака вода. Температурата се намалува и интензивно се меша со дрвена лажица. Згуснатата маса се трга од оган, се додаваат бадемите, се прелева во плех, се сече во вид на ромб и се пропрскува со мелен лешник.
Напомена: Додека ја правите алвата мешате со дрвената лажица интензивно, кога ја додавате водата тргнете го тавчето од оган оти многу прска……и вратето го на ринглата со намалена температура.
IV РЕЦЕПТ – Свадбарска алва – моето омилено благо! (Фотографија и рецепт на Снежана Тренчева)
Потребни состојки: 1 чаша масло, 2 чаши гриз, 3 чаши шеќер, 4 чаши вода
Постапка: Гризот се запржува во маслото, се меша додека да зарумени. Се става шеќерот да зоврие во водата и се истура врз гризот, па се меша постојано додека да згусне смесата. Вака згуснатата смеса се излева во тавче бр.30 или 32. Кога ќе излади и ќе се стегне може да се сече со форми по ваша желба.
V РЕЦЕПТ Да се направи алва е вистински мајсторлук, зошто правата алва треба да се двои од лажицата
Велат, да се направи алва е вистински мајсторлук. Правата алва треба да се одвојува од лажицата, да не биде премногу брашно, да не е премногу масна, да не “дави” и да може да се јаде и со рака, но и со вилјушка. Оца е традиционален рецепт за алва без џемови, ванила или други додатоци, само ореви за наросување.. Рецепт на Арма
Потребни состојки: 110 г путер, 110 г брашно, 110 г шеќер, 220 мл вода, ореви за наросување
Постапка: Шеќерот и водата измешајте ги и ставете ги на страна. Во тенџере растопете го путерот, па кога ќе започнат да се создаваат меурчиња, намалете ја температурата, па додајте брашно. Со дрвена лажица пржете го брашното околу 10-тина минути, додека да добие нежна светлокафеава боја.
Кога брашното е до половина пржено, ставете да се сварат водата и шеќерот. Варете ги само неколку минути, не премногу. Готовото пропржено брашно ставете го на страна со дрвената лажица внатре. Во левата рака држете го капакот од тенџерето а во десната сирупот.
Брашното полијте го со топлиот сируп и веднаш прекријте го со капакот и притоа внимавајте на рацете да не се изгорите. После неколку секунди кога смесата ќе се „смири”, брзо со дрвената лажица измешајте ја алвата за да нема грутчиња. Алвата вадете ја на чинија и наросете ја со мелени ореви.
За алвата секогаш одат мерки 1:1:1:2 за брашно, масло/путер, шеќер и вода. Од оваа мерка излегува една чинија, а вие ако сакате поголема количина само зголемете ги состојките. Доколку сакате можете во неа да ставите разни додатоци по вкус.
VI РЕЦЕПТ – ДОМАШНА АЛВА Фотографија и рецепт на Родна Трпеска
Потребни состојки: 500 г брашно, масло по потреба (околу 500 мл), 500 г шеќер, 500 мл вода, ореви по потреба
Постапка: Во брашното се додава масло колку да може убаво да се меша. Се пржи додека да добие златнокафеава боја, па се трга на страна. Се дотура претходно сварен и врел шербет (10 мин) и се меша додека да се добие потребната густина. Се пропржува кратко, а потоа се наросува со ореви и се формира во облик по желба.