Рецепт на Драгана Михајловиќ: Ова е брза вечера која лично ја обожавам, бидејќи се приготвува за час, а вкусна е, и сите ја сакаат. Кога и да ја приготвам целата се изедува. Макароните со јогурт според вкусот потсетуваат на „пица-макарони“.
Потребни состојки: 1 пакување макарони (Mattini), 1 главица кромид, 180 г печурки шампињони, 100 г шунка, 120-150 г кашкавал, оригано, сол и други зачини по ваш вкус, 1 литар јогурт, околу 30 мл масло и 3 поголеми јајца
Постапка: најпрво во едно тенџере на оган ставете вода да зоврие, и додајте една лажичка сол. Во тава ставете малку масло и кога ќе се загрее додајте ситно сечкана главица кромид. Динстајте неколку минути колку да омекне.
Кога водата убаво ќе почне да врие, додајте ги макароните за кои на амбалажата пишува дека треба да се готват 9 минути, но јас ќе ги варам само 5 минути, бидејќи дополнително ќе се допечат во рерна.
Во пропржениот кромид додајте 180 г ситно сечкани свежи шампињони, па заедно динстајте уште неколку минути додека и тие да омекнат. Додека се варат макароните и се динстаат печурките, вие направете го преливот.
За прелив: во подлабок сад скршете три крупни јајца или четири поситни. Изматете ги со маталка и посолете по вкус. Додајте и малку масло, околу 30-тина милилитри и на крај додајте еден литар јогурт.
Убаво измешајте и додајте околу 100 г ситно сечкана шунка / динстана ситно сечкана сланина/ нешто друго сувомеснато / или не мора ништо да додавате ако не сакате. Зачинете го преливот со малку оригано или некој друг зачин по ваш вкус, пишува НМД.мк
Во преливот додајте ги издинстаниот печурки од кои испарила течноста и убаво промешајте за да се изедначи. Во смесата додајте и рендан кашкавал, околу 150 г или по ваш вкус (може помалку или повеќе).
Во плехот (или тепсија) во која ќе печете додајте малку масло и намастете ја целата површина, па истурете ги процедените макарони. Распоредете ги рамномерно, па одозгора прелијте ја приготвената смеса.
Само промешајте, па одозгора уште малку додајте рендан кашкавал. Рерната загрејте на 200 степени па ставете да се потпечат макароните околу 25-30 минути или додека убаво да заруменат.
Печените макарони може да ги сечете како пита и да ги послужите за појадок, вечера, но и за ручек. Ако одозгора додадете кечап, тогаш ќе добиете пица варијанта. Ова е навистина еден брз рецепт кој ќе ви се допадне.
Измати, излеј и стави да се пече во рерна, па бегај од кујна зошто многу е топло. Ова јадење е идеално за вретно време кога не сакаме многу време да поминуваме во кујна. Целата постапка под приготвувањето можете да го погледнете во видеото ОВДЕ.