Фотографија и рецепт на Снежана Трајковиќ. Тортичето го направив за внучето, излезе нежно и меко како памук а и многу вкусно. Сè беше готово за еден час.
Потребни состојки: 1 кг кајсии, 6 лажици шеќер, 1/2 ракиена чашичка рум, 1/2 ракиена чашичка вода, 5 јајца, 12 лажици шеќер, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 14 лажици брашно, 1 пудинг од ванила, 1 прашок за печиво и 1 ванилин шеќер
Постапка: Исчистете 1 кг кајсии, исечете ги на парчиња, некои лупени, некои не.
Во тава на оган ставете 6 лажици шеќер да се карамелизираат, па додадете ги кајсиите и половина чашиче од ракија – рум, половина чашиче вода. Оставете само малку да се растопи шеќерот, па тргнете од оган.
Во вангла изматете 5 јајца со 12 лажици шеќер, па додадете 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 14 лажици брашно, 1 пудинг од ванила, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер.
Тавата во која ќе го печите колачот намастете ја со малку масло и поросете со брашно.
Излејте ја едната половина од пандишпанот и ставете да се пече во загреана рерна колку да фати коричка. Извадете ја и премачкајте ја со карамелизираните кајсии, па одозгора прелијте го вториот дел од смесата за пандишпан.
Вратете во рерна да се допече.
Печениот колач оставете го да излади малку, па исечете го на коцки и одозгора наросете шеќер во прав.
Фото и рецепт: Снежана Трајковиќ