Рецепт прв – Плазма – страчатела торта е една вистинска лесна торта, како за приготвување, така и по вкус. Може да изедете едно убаво, големо парче и нема да ви се слоши. Се приготвува многу едноставно. Не грижете се за желатинот (за оние кои првпат се среќаваат или претходно имале лошо искуство):
Само следете го упатството и нема да промашите. Се приготвува навистина брзо, но потребно е на повеќе наврати да се лади тортата, па не е од оние торти кои се прават половина час пред да ви дојдат гости. Рецепт и видео презентација на Домашни Рецепти.
За да ја приготвите оваа страчатела торта ќе ви бидат потребни следните состојки: 1 литар млеко, 200 мл вода, 3 кесички говедски желатин во гранули, 200 г шеќер кристал, 500 мл слатка павлака, 300 г плазма бисквити цели парчиња, 100 г млечно чоколадо, 100 г бело чоколадо или по избор (јас користев еуроблок и вкусот беше одличен).
Постапка: Во еден сад измешајте ги млекото и водата, одземете 100-150 мл течност во друг сад. Остатокот ставете го на оган, додадете шеќер и оставете да проврие. Во помалиот сад со одземената течност ставете го желатинот и оставете го да набубри и да се стегне.
Кога млекото ќе проврие и желатинот зацврсти, тргнете го од оган, па земете 100 мл врело млеко и додадете го во желатинот. Убаво промешајте за да се растопат гранулите. Кога убаво ќе се изедначи, желатинот полека истурете го во млекото и шеќерот.
Добро промешајте и оставете да излади до собна температура, а потоа ставете го во фрижидер околу еден час или два, зависи колку време имате на располагање. Кога смесата во фрижидер убаво се стегнала извадете ја. Во еден голем сад (навистина поголем сад) изматете 400 мл слатка павлака како шлаг, па додадете го стегнатот желатин и повторно изматете за да се соединат.
Добиениот крем поделете го на да дела: во едниот дел додадете рендано или ситно сечкано чоколадо, и бело и млечно, а во вториот дел само кршени бисквити. Убаво промешајте. Во калап 25-28 см обложен со проѕирна фолија или со кеса чии краеви излегуваат надвор, ставете го прво делот со бисквити, па чоколадниот дел.
Прекријте со фолија и оставете ја тортата во фрижидер да отстои преку цела ноќ. Следниот ден свртете ја на тацна, тргнете ја кесата и повторно свртете ја на друга тацна. Декорирајте по желба со преостанатите 100 мл слатка павлака и малку рендано чоколадо одозгора. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Втор рецепт: Плазма-Страчатела торта без печење, готова е за 15 минути, едноставна, кремаста, неодоливо вкусна. Фотографии и рецепт на Сузана Бајрам – Плазма Страчатела торта без печење. Рецептот за оваа многу вкусна а едноставна торта ни го претстави нашата драга членка Сузана Бајрам во групата НМД рецепти.
Ако ви е потребен колач кој сигурно ќе им се допадне на децата, а и на возрасните, тогаш овој е вистинскиот за вас: едноставен, кремаст, со плазма кекаси… сите го сакаат. Колачите со кекси и кремови кои не се готват се многу практични, бидејќи можат да се приготват ден порано.
На тој начин си го кратите времето за некој важен настан или прослава. Потребни состојки: 300 г плазма кекси, 500 мл слатка павлака, 500 г крем сирење, 100 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 г чоколадо и 200 мл чоколадно млеко. За декорација:
100 г бело чоколадо, 100 мл слатка павлака и 50 г мини чоколадна плазма или ситни чоколатца. Постапка: Слатаката павлака изматете ја со постепено додавање на шеќер и ванилин шеќер. Додадете го крем сирењето и кратко измиксајте за да се поврзат. Млечното чоколадо ситно исечкајте го.
Потоа додадете го и рачно промешајте го со лажица. Калап со димензии 30х10 см обложете го со проѕирна фолија. Плазма кексите натопувајте ги во чоколадното млеко (ладно) околу 15-20 секунди, не предолго. На дното од калапот ставете 2-3 лажици од филот и распоредете рамномерно.
Преку кремот наредете плазма кекси, еден до друг, убаво да биде пополнето. Преку кексите наредете половина од кремот, па наредете нов слој кекси, па преку нив остатокот од кремот. Убаво израмнете и завршете со уште еден ред кекси (вкупно три слоја кекси). Колачот оставете го во фрижидер добро да се олади и стегне, најмалку 6 часа.
За украсување: на умерен оган загрејте ја слатката павлака и белото чоколадо искршено на коцки, мешајте додека да се растопи, но внимавајте да не ви загори. Следниот ден колачот превретете го врз чинија за сервирање, отстранете ја фолијата и преку колачот прелијте го ганашот. Украсете по желба.