Тестото за пица се приготвува за неколку минути, нема месење, чекање да се удвои… а тестото е мнооогу меко, може да му конкурира дури и на оригиналното тесто за пица.
Потребни состојки:
250 г брашно
1 јајце
250 мл јогурт
½ лажичка сода бикарбона
½ лажичка прашок за печиво
1 лажичка сол
Постапка:
Изматете го јајцето со сол и трошка шеќер, потоа додадете јогурт, прашок за печиво и сода бикарбона. Додавајте брашно матејќи на најмала брзина, за да се спојат состојките – и толку, тестото е готово.
Најголемиот плех од рерна обложете го со хартија за печење или намастете го со путер и наросете брашно. Ставете го тестото кое малку е чудно: ниту ретко, ниту густо, лепливо е, па за да го распоредите потребна ви е лажица која ќе ја натопувате во топла вода.
Значи тестото истресете го во средината од плехот и со влажна лажица развлекувајте го до ивиците. Кората треба да биде тенка.
Во меѓувреме загрејте ја рерната на 250 степени, веднаш врз тестото ставете салама или шунка, моцарела или рендан кашкавал… и друго по ваш вкус, па печете 10-12 минути. Ќе добиете совршено меко и тенко тесто.
Половина од брашното можете да го замените со интегрално црно, хелдино или какво сакате и да ја направите пицата вегетаријанска. Секој по свој вкус, тестото е флексибилно.