БРЗА ПИТА СО СПАНАЌ: Лесна вечера за помалку од 30 минути. Многу вкусна и лесна вечера која доста заситува и на сите дома ни е омилена. Јас обично правам зелник со кори, но кога немам дома кори, ја правам оваа пита и сите се задоволни.
Потребни состојки: 4 јајца, 1 шолја кисело млеко, 100 мл масло, 300 г дробено сирење, 3 шолји за кафе брашно, 1 лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво, 500 г крупно сечкан спанаќ или блитва / варени /
Подготовка: Изматете ги сите состојки по ред. Значи прво во сад ги ставате јајцата, ги матите со виљушка или шпатула, па додавате кисело млеко и повторно промешувате.
Потоа го додавате маслото, издробеното сирење по ваш избор, посолете, а доколку сирењето е многу солено може да го изоставите овој чекор. На крајот се додава брашното и прашокот за печиво.
И убаво се промешува за да не останат грутки, а на крај во смесата се додава варениот спанаќ или блитва (може и комбинирано). Целата смеса добро ја соединувате и излевата во подмачкана тава со средна големина.
Ако печете во мала тава, питата ќе излезе подебела и ќе треба да ја печете малку подолго отколку вообичаено, а одозгора да ја ,,заштитите” кората со хартија за печење за да не ви загори.
Доколку користите тава со средна големина, печете 30-тина минути на 200 степени во претходно загреана рерна. Исто така 1 чаша бело брашно може да ја замените со пченкарно брашно.
На тој начин питата ќе биде полесна и ќе има посебен шмек на пченка, а и ќе стане малку пожолта. По печењето оставете да излади под кујнска крпа, а потоа послужете со јогурт како вечера или појадок. / Coolinarka.com
А може да ја направите и следнава излеана пита со тиквички. За оваа вкусна пита ќе ви бидат потребни: 3 јајца, 1 лажичка сол, ½ лажичка црн пипер, 2 лажици кисела павлака, 100 мл масло, 200 мл јогурт, 6 лажици брашно, 2 лажици гриз, ½ кесичка прашок за печиво, 1 тиквичка, ½ страк праз, 1 домат, сусам. Се приготвува во плех со димензии 32х20 см и се пече 30 минути на 200 степени.
Постапка: Изматете три јајца со жица за матење, па додадете лажичка сол, половина лажичка црн пипер, па повторно малку промешајте. Потоа додадете две полни супени лажици кисела павлака, а од течни состојки додадете 100 мл масло и 200 мл јогурт. Убаво промешајте за да соединат состојките.
Во приготвената смеса додадете една помала тиквичка претходно исечкана на ситни коцкички, половина страк праз, исто така ситно исечкан и еден домат исечен на коцки.
Во друг сад измешајте 6 супени лажици брашно и половина кесичка прашок за печиво, па просејте го врз претходната смеса. Додајте и две супени лажици гриз, па нежно промешајте за да се соединат состојките.
Добиената смеса излејте ја во претходно намастен и набрашнет плех со димензии 32х20 см, наросете сусам и малку домат исечкан на коцки, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, половина час. / Coolinarka.com