Солено печиво со спанаќ, брзо се приготвува а вкусот му е фантастичен! Може да се приготвува за појадок или вечера, а може да го замени и главниот оброк. Многу лесно се приготвува, па кога немате многу време, а ви се јаде нешто вкусно, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. Еве што ќе ви биде потребно.
Потребни состојки: 4 јајца, ½ лажичка сол, 100 мл масло, 200 мл јогурт, 10 лажици брашно, 10 лажици палента, 1 прашок за печиво, 200-250 г сирење и 150-200 г исчистен спанаќ свеж, не обарен. Наместо спанаќ може да додадете блитва, зеље или нешто друго што имате.
Постапка: Изматете ги јајцата со половина лажиче сол, да станат пенасти. Додајте масло и продолжете со матење. Потоа додајте јогурт, па промешајте и додајте брашно, палента, прашок за печиво и мешајте додека да се изедначи смесата.
На крај додајте го спанаќот претходно измиен и исечкан на ленти и сирење крупно издробено, да се познава повеќе. Спанаќот нема потреба да го бланширате претходно, ниту да го варите, доволно е добро да го измиете, да ги исечкате и со малку сол да го истискате со рацете за да омекне уште повеќе.
Измешајте убаво да се изедначи и смесата ја излејте ја во правоаголен калап претходно обложен со хартија за печење. Печете во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 40 минути или додека да зарумени, во зависност од вашата рерна. Се послужува со јогурт или кисела павлака. / Верче Илиоска/ coolinarika.com Прочитајте го и следниот рецепт – Брзи гонзалес со спанаќ:
Брза излеана пита со спанаќ– брза како БРЗИ ГОНЗАЛЕС
Питата е превкусна, лесно и многу брзо се приготвува, идеално се секое време, особено кога немате доволно време. Наместо спанаќ може да употребите блитва, коприва или што и да имате.
Потребни состојки: 400 г спанаќ или зелје, 4 јајца, 1 шолја (за чај или бело кафе од 250 мл) пченкарно брашно, 2 шолји пченично брашно (обично, бело), 100 мл масло, 1 прашок за печиво, 1-2 лажички сол или по вкус, 1 чаша кисело млеко од 180 г, 300 г ситно сирење за пита.
Постапка: Спанаќот убаво измијте го, исцедете го, па исцепкајте го или исечкајте го ситно. Ставете го во еден сад и прелијте го со зовриена вода, а може и да го обарите (како ви е полесно). Оставете малку да отстои за да омекне, па процедете го од вишокот вода.
Бидејќи питата брзо се приготвува, уште на почетокот вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Во поголем сад скршете ги јајцата и изматете ги со жица. Додајте масло и киселото млеко, па повторно измешајте за да се соединат состојките.
Посолете по вкус и додајте го пченкарното брашно. Промешајте со жицата за да се соедини смесата. Наместо пченкарно може да користите хељдино или некое друго по ваша желба. Додајте една шолја обично брашно, па добро промешајте за да изедначи.
Потоа додајте го сирењето, втората шолја брашно и прашокот за печиво. Спанаќот процедете го, па и него додајте го во смесата. Убаво со лажица промешајте за да се изедначат состојките. Пригответе еден класичен плех со средна величина и намастете го со масло.
Во приготвениот плех излејте ја смесата и рамномерно распоредете. Одозгора можете да наросите сусам и да ја ставите питата да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу половина час.