Според постапката многу наликува на омилената за многумина – гибаница со сирење, каде корите се туткаат во рака и се потопуваат во преливот од јајца. Оваа пита може да се каже дека уште полесно се приготвува, па можеби и затоа го добила името „Џумбус“.
Многу е вкусна, излегува многу, а се приготвува од малку намирници. Мирисна е и мека, а толку едноставно се приготвува, па затоа не пропуштајте да ја приготвите во следната пригода. Сигурно ќе им се допадне и на вашите најмили и многу брзо ќе се изеде.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување готови кори за пита, 400 г ситно сирење, 3 големи јајца, 1 чаша јогурт (200 мл), малку повеќе од половина чаша масло (120-130 мл), 3 полни лажици гриз, 1 мала лажичка прашок за печиво (или сода бикарбона), сол по вкус
И УШТЕ (за премачкување): 1 големо јајце, 1-2 лажици млеко/јогурт/масло и сусам за наросување одозгора (или ким, сончоглед, црн сусам или нешто друго по ваш избор)
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад изматете ги јајцата со жица-маталка, па во нив додајте една чаша јогурт (180 г/200 мл), а потоа со истата чаша измерете и додајте малку повеќе од половина.
Добро промешајте за убаво да се изедначат сите состојки. Во посебен сад со помош на виљушка или со раце иситнете го сирењето, а може да користите и спремно ситно сирење за пити кое се продава пакувано во поголемите маркети.
Иситнетото сирење додајте го во изматената смеса од јајца, јогурт и масло. Во смесата со јајца и сирење додајте и три до врв полни супени лажици пченичен гриз. Промешајте да се распоредат состојките подеднакво.
Ако сирењето кое го користите не ви е солено, додајте сол по вкус. Во мојот случај нема да додадам, бидејќи сирењето е доста солено. Откако ќе ја соедините смесата, додајте една мала лажичка сода бикарбона или прашок за печиво.
Корите за пита воопшто не ги отворајте врз работната површина како што обично се прави кај другите рецепти, туку како што се свиткани во валјак, така започнете да ги сечете на парчиња со дебелина од 1,5-2 см.
На тој начин ќе добиете долги, тенки ленти корички. Малку растресете ги за да не бидат слепени една до друга и сите ставете ги во претходно приготвената смеса со јајца и ситно сирење. Промешајте за да се натопат сите кори подеднакво и на крај додајте уште малку млеко доколку смесата е сува.
Плехот или калапот во кој ќе ја печете питата малку намастете ја со масло (или премачкајте ја со путер) и наросете ја со една лажица гриз. Потоа излејте ја целата смеса и убаво распоредете ја и натапкајте ја со лажица.
На страна изматете едно јајце со малку млеко и прелијте ја питата преку целата површина. Одозгора наросете малку сусам. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 25 минути. Печената пита малку нека излади, па сечете ја и послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.