Фото и рецепт: Сузика

Ова ме научи една роднина која со мажот држат кафеана и таму секојдневно ја приготвуваат. Кога немам многу време а ми треба добра погача, ја замесувам оваа, зошто навистина е брза и многу мека и вкусна!

Буквално за половина час сè е готово. Ако ја печете во помала тепсија – ќе ви излезе подебела, а ако ја печете во поголема – ќе биде потенка. Дебелината сами ја одредувате.

Потребни состојки:

20 г квасец
1 чаша (јогуртна од 180 г) топла вода
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
2 лажици масло
околу 300-310 г брашно

Постапка:

Од сите наведени состојки замесете меко и убаво тесто. Веднаш префрлете го на работна површина, обликувајте топка и после сплоснете ја со рацете правејќи погача.

Со дланките притискајте ја нежно додека да ја добиете саканата дебелина. Би требало да биде тенка, но не премногу. Во текот на печењето уште ќе нарасне.

Префрлете ја на хартија во тепсијата и уште малку со дланките развлечете ја според големината на тепсијата. Избоцкајте ја со вилјушка, направете некоја шара по желба.

Веднаш потоа вклучете ја рерната на 250 степени, па штом се загрее, значи после некои 15-тина минути, ставете ја погачата да се пече.

Штом малку ќе се запече, намалете ја температурата на 180 и допечете ја до крај. Вкупно време на печење е 15- најмногу 20 минути.

Испрскајте ја со малку вода кога ќе ја извадите од тепсијата, завиткајте ја во некоја кујнска крпа и оставете ја малку да подизлади, па после навалете.