Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти – Вкусна полнета погача. Погачата се приготвува од тесто кое стасува само еднаш. Постапката за приготвување е многу лесна и едноставна, а откако еднаш ќе ја пробате, оваа пита често ќе ја правите.
За да ја приготвите погачата ќе ви бидат потребни следните состојки: 5 г сув квасец (една мала лажичка), 1 лажичка шеќер, 180 мл млака вода, 1 јајце, 2 супени лажици маслиново масло, 300 г брашно, 1 лажичка сол, 100 г кашкавал, 50 г сирење, магдонос, 1 жолчка, масло, сусам.
Постапка: Во еден подлабок сад растворете го квасецот – ставете една лажичка сув квасец, една лажичка шеќер и една чаша од 180 мл млака вода. промешајте за да се растворат состојките. Потоа додадете едно јајце (да не е од фрижидер), претходно отстојано на собна температура.
Во мешавината додадете и две лажици маслиново масло. Промешајте за да се изедначат состојките, а потоа започнете постепено да го додавате брашното и една лажичка сол. Мешајте најпрво со лажица за да добиете убава компактна смеса без грутчиња.
Потоа, кога ќе го додадете сето брашно може да замесете и со рака. Ќе добиете меко и нелепливо тесто. Оставете го во садот покриено со проѕирна фолија (или капак) да одмора еден час додека убаво ферментира со активираниот квасец и го зголеми својот волумен.
За тоа време пригответе го филот: Изрендајте крупно 100 г кашкавал и ставете го во подлабок сад. Додадете 50 г фета сирење, ситно издробено и една лажичка сув магдонос, ситно исдробен (во прав). Добро промешајте со лажица или рака за да се изедначат состојките.
Од смесата за фил со помош на дланките формирајте голема топка. Стасаното тесто истресете го врз набрашнета работна површина. Малку премесете го, а потоа со помош на оклагија развлечете кора со величина на поголема плитка чинија. Во средината ставете ја топката фил.
Топката од сирење и кашкавал спакувајте ја убаво во тестото, а потоа вака добиената голема топка од филувано тесто малку сплескајте ја со дланките и со помош на оклагијата повторно развлечете во кора колку можете потенка, приближно со дебелина од еден центиметар.
Префрлете ја во плех обложен со хартија и уште малку со рацете дооформете ја. Во една жолчка од јајце ставете една лажица маслиново масло, измешајте, па со силиконска четка премачкјате ја питата одозгора и наросете ја обично со сусам или семе по ваша желба.
Вака приготвената пита не се остава да стасува, туку веднаш се става во претходно добро загреана рерна на 250 степени, да се пече околу 20 минути. Печената пита извадете ја од рерна и оставете ја малку да подизлади, па исечете ја на осминки и послужете ја. Деталите погледнете ги ОВДЕ.