Овој колач кој може да се приготви и како торта, е многу лесен и едноставен за подготовка. Изгледа импресивно, особено кога ќе се исече на парчиња, и веднаш се изедува зошто сите бараат уште по едно или две парчиња.




Таков е овој колач, лапни – голтни. Нежен и кремаст, совршен за љубителот на комбинацијата од пудинг и кекси. Сигурна сум дека ќе го правите повеќе од еднаш. Не се пече, а единствено што треба е да почекате тортата да се излади во фрижидер. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 пакувања какао бисквити (околу 500 г), 2 пакувања долгнавести бисквити (пишкоти – плазма), околу 300 мл млеко за натопување на кексите и пишкотите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ ОД ПУДИНГ: 1100 мл млеко, 3 кесички пудинг со вкус на ванила, 1 чаша од 200 мл шеќер (или по вкус, може и помалку), 1 лажица брашно, 5 жолчки, 200 г путер или маргарин. СОСТОЈКИ ЗА БЕЛ КРЕМ: 400 мл слатка павлака 30% мм, 1,5 лажичка желатин, 2-3 лажици шеќер во прав, околу 3 грста кокосово брашно




ПОСТАПКА: Плех со димензии 36х24 см обложете го со хартија за печење, а доколку ви е полесно, краевите фиксирајте ги со помош на штипки. Потоа започнете наизменично да ги натопувате бисквитите во млекото и да ги редите во исправена положба.




Најпрво наредете вертикано три темни бисквити со какао на потесната страница од плехот, а потоа три пишкоти, и на ист начин продолжете да го исполнувате плехот како што е опишано на фотографијата. Вкупно ми беа потребни 48 бисквити со какао и 30 пишкоти, меѓутоа овој број може да варира во зависност од големината на вашиот калап.




Подготовка на кремот од пудинг: Во тенџере на умерен оган ставете да се загрева 900 мл млеко. Во посебен сад со миксер изматете пет жолчки заедно со шеќерот додека тој да се растопи. Додајте го остатокот од млекото (200 мл), прашокот за пудинг и брашното.




Изматете убаво додека да добиете хомогена смеса без грутчиња. Потоа, кога млекото ќе зоврие, потргнете го малку на страна и постепено додајте го разматениот пудинг со постојани мешање. Вратете на оган и варете го долго и непрекинато додека да се свари и згусне.




Сварениот пудинг тргнете го од огнот и во него додајте го путерот исечен на помали коцки. Мешајте додека тој да се растопи и целосно да се инкорпорира во кремот. Додека сè уште е топол кремот, внимателно со помош на лажица црпете и полнете ги преградите од кексите.




Оваа количина е доволна за да се пополни целиот колач во висина на вертикано наредени кекси. Оставете го колачот на страна за да се олади. За тоа време пригответе го белиот крем. Слатката павлака извадете ја од фрижидер (пред матење треба да биде добро изладена). Додајте го шеќерот во прав и изматете додека да добиете шлаг.




Во меѓувреме желатинот растопете го со 50 мл ладна вода и почекајте да набубри. потоа растопете го на пареа или во микробранова печка (неколку секунди, колку да се растопи, а не да се свари). Црпнете една лажица од шлагот и додајте го во растопениот желатин, па брзо и енергично промешајте.

Потоа смесата додајте ја во целиот шлаг од слатка павлака и промешјате додека да се изедначи. Со овој крем премачкјате го колачот одозгора, израмнете и наросете кокосово брашно. Оставете да се олади во фрижидер, најдобро преку цела ноќ. Рецепт на слаткиот блог ОВДЕ.