Секогаш кога немам многу време, го приготвувам ова јадење, најчесто за вечера или појадок, но моите дома немаат ништо против и ако го послужам за ручек. Многу е вкусно, заситно, евтино и претставува одличен начин за искористување на стариот леб. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1,5 чаша млеко (300 мл), сол, црвена зачинска пиперка, буковец и зачини по ваш вкус, 80 г рендан чедар кашкавал или каков сакате, неколку парчиња леб или колку ви собира во еден плех со средна величина и 1 лажица путер.




ПОСТАПКА: Скршете ги јајцата во еден подлабок сад и изматете ги со виљушка или жица-маталка. Додајте го млекото, промешајте, а потоа зачинете со вашите омилени зачини. Во овој случај ние зачинивме со малку сол, црвена зачинска пиперка во прав и буковец.




Добро измешајте па додајте го ренданиот кашкавал. Промешајте така да сиот кашкавал се натопи во мешавината од јајца и млеко. Во меѓувреме лебот исечете го на парчиња, а доколку веќе бил сечен, проверете дали е во добра состојба (доколку е постар).




Растопете 20-тина грама путер или една супена лажица, па излејте ја во плехот во кој ќе печете. намастете ги и ѕидовите со помош на кујнска (силиконска) четка. Излејте ја мешавината од јајца и млеко, а ренданиот кашкавал што ќе остане сочувајте го за да го ставите врз лепчињата.




Наредете ги лепчињата колку што собира во калапот. Превртете ги за да се натопат убаво од двете страни. Распоредете го рамномерно кашкавалот да има врз секое лепче по малку. Доколку е потребно, со виљушката извлечете го од дното и ставете го одозгора.




Загрејте ја рерната на 200 степени, па ставете го вака приготвеното јадење да се пече на средната решетка од рерната. Се пече околу 20-25 минути, во зависност од рерната. послужете топло со чаша јогурт. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.