Овој колач толку лесно и едноставно се приготвува, а толку многу е вкусен, што можам да го јадам речиси секој ден. Состојките се евтини и секој ги има дома, па немора специјално да излегувате за набавки.
Евтин е, не содржи многу намирници, нема јајца што е одлично за оние кои се алергични, а нема да извалкате ниту многу садови, зашто не ви е потребен ниту миксер. Излегува доста, сочен е и вкусен, омилен на децата, ни и на гостите.
Брзо се приготвува, зашто во еден сад ги мешате сувите состојки, а потоа ги додавате сувите и мешате со лажица. Во основното тесто можете да додавате јаткасти плодови или суво овошје по желба, она што имате, а колачот е секако многу вкусен и ако не додадете ништо. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 180 мл): 3 чаши брашно, 1 чаша шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 1 чајна лажичка сода бикарбона, 5 супени лажици какао во прав (1 чаша), 1 чаша растително масло, 3 чаши течен јогурт. И уште по желба: 100 г сува брусница и 50 г сечкани несолени кикирики
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за прелив: 1 чаша млеко, 1/2 чаша шеќер, 100 г несолен путер или маргарин, 1 супена лажица какао во прав, 100 г црно чоколадо. И уште: сечкани кикирики за посипување на колачот
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете три чаши брашно, една чаша шеќер, една кесичка ванилин шеќер, половина кесичка прашок за печиво, една мала лажичка сода бикарбона и 5 супени лажици какао во прав. Сите состојки промешајте ги со лажица или шпатула додека да се изедначат.
Потоа започенет една по една да ги додавате течните состојки: една чаша масло и три чаши течен јогурт. Полека промешајте додека да се впијат состојки и да добиете убава изедначена, хомогена смеса. Ова тесто може да биде основа, да го печете такво или во него да додавате состојки по ваша желба.
Ние додадовме 100 г сува брусница и 50 г несолени, ситно сечкани кикирики. Промешајте уште еднаш за да се распоредат состојките, па потоа целата смеса истресете ја во калап со средна големина (32х20 см), претходно намастен и посипан со брашно.
Израмнете ја смесата и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 25 минути. проверете со чепкалка. Додека се пече колачот, вие пригответе го преливот. Во едно тенџере ставете ги сите наведени состојки одеднаш и ставете ги на оган.
Мешајте додека сето да се растопи и соедини на умерена температура, со повремено промешување. Печениот колач исечете го на коцки и залијте го со топлиот прелив (топло со топло, но да не е премногу врело).
Оставете неколку минути да се впие, па одозгора наросете ситно сечкани кикирики. Кога ќе се олади до собна температура, ставете го во фрижидер добро да се олади, па послужете. Иако, овој колач може да се јаде и додека е топол. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.