Овој колач според рецептот на Емилија, можете да го приготвувате буквално секој ден. Многу е вкусен, брзо се прави, но уште побрзо се јаде. Во време на пост претставува одличен десерт за секого. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл вода, 200 г шеќер, 350 г меко брашно Т 400, 1 кесичка прашок за печиво (12 г), 1 лажичка сода бикарбона, 8 лажици мелени ореви, 4 лажици џем по избор. За премачкување на колачот: 4 лажици џем, една рака мелени и сечкани ореви




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 400 мл вода и додајте 200 г шеќер, па промешајте малку за да почне шеќерот да се растопува. На страна во друг сад промешајте 350 г брашно, 12 г прашок за печиво и 1 лажичка сода бикарбона.




Потоа брашното со другите суви состојки просејте го и додајте го во растворот од вода и шеќер. Додајте и 8 супени лажици мелени ореви, па добро промешајте со лажица или шпатула додека да се изедначат состојките.




Во добиената смеса додајте и 4 супени лажици некој џем по ваш избор, а потоа добро изматете уште еднаш, со жица маталка или со миксер, додека да добиете мазна смеса без грутчиња од брашното во неа.




Добиената смеса излејте ја во намастен калап со димензии 24х24 см, рамномерно распоредете, израмнете и протресете за да излезат евентуални воздушни меурчиња. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 25 минути (проверете со чепкалка).




Оставете го печениот колач малку да се подизлади, да биде млак, па одозгора премачкајте го со 4 супени лажици џем по ваш избор, па потоа наросете мелени и ситно сечкани ореви, по една рака.




Оставете го целосно да се олади, а потоа сечете го на коцки и послужете го со кафе или чај. Колачот иако е посен, сепак е еден од највкусните колачи, па сигурно ќе го правите многу често. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.