Ова е еден брз и практичен ручек за сите оние луѓе кои брзаат и немаат многу време за в кујна, а сепак сакаат да се хранат со домашно подготвено јадење. Со овој рецепт добивате полно тенџере одлично и многу вкусно јадење. Не го пропуштајте овој рецепт, одлична идеја за сите. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица кромид, 1 голема пиперка (половина црвена + половина зелена), 500 г јунешко месо, 3 супени лажици масло, сол, црн и црвен пипер, оригано, 1 домат, 3 чешниња лук, 500 мл доматен сок/пире, 250 мл вода, 400 г тестенини, 200 мл неутрална павлака за готвење
ПОСТАПКА: Во широко тенџере сипете три супени лажици масло и додајте ситно сечкан кромид и пиперка. Посолете со една лажичка сол и динстајте го зеленчукот две минути додека да омекне. Потоа додајте 500 г мелено јунешко месо.
Зачинете со половина мала лажичка мелен црн пипер и една полна лажичка слатка зачинска црвена пипер во прав. Можете да додадете и малку суво оригано по вкус (јас додадов една лажичка). Добро промешајте за рамномерно да се распоредат зачините.
Динстајте го месото со повремено промешување додека убаво да се испржи и да ја промени бојата. Потоа додајте еден ситно сечкан свеж домат и три чешниња лук, исто така ситно исечкани. Промешајте и додајте 500 мл доматен сок и една чаша вода (250 мл).
Веднаш, во вака приготвениот сос додајте несварени макарони или тестенини по ваш избор. Промешајте за да се натопат сите макарони подеднакво и оставете ги да се готват 20 минути на умерена температура. Поклопете го тенџерето и повремено промешувајте.
После 20-тина минути додајте 200 мл неутрална павлака за готвење, промешајте и „крчкајте“ го јадењето уште 5 минути. Вашето вкусно јадење е спремно за послужување. Деталите од видеопрезентацијата погледнете ги ОВДЕ.