Рецепт и видео презентација на Станислава од “Гала Фуд” (Gala Food) – Евтин и брз Манчмалоу. Посапката за приготвување е навистина брза и едноставна, па откако еднаш ќе го пробате, секогаш ќе го приготвувате овој рецепт.
Потребни состојкиза кора: 4 жолчки, 200 г шеќер, 200 мл млеко, 50 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 200 г брашно и 1 полна супена лажица какао во прав. Ќе ви биде потребно и 200 мл млеко за натопување на печената кора.
За бел крем: 4 белки, 8 лажици шеќер, 2 шлаг креми со вкус на ванила, 120 мл млеко. За глазура: 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло, 2 лажици вода и 1 лажица какао во прав.
Постапка: Одвојте ги белките од жолчките во разчични садови. Во длабок сад за матење ставете ги жолчките и додадете 200 г шеќер и изматете со електричен миксер додека да се растопи шеќерот и да добиете мазна и кремаста смеса.
Потоа во смесата додадете 200 мл млеко (една чаша), 50 мл масло (едно филџанче за кафе), 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво и 200 г брашно. Изматете кратко со електричен миксер додека сите состојки да се соединат во мазна смеса без грутчиња.
На крај додадете и една полна супена лажица какао во прав, па кратко изматете со миксерот за да се изедначи и да добиете кафеава полутечна смеса. Плехот од рерна добро намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.
Тестото за кората излејте го во приготвениот плех, протресете и израмнете да биде рамномерно распоредена, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени околу 15 минути. Внимавајте да не ја препечете кората затоа што е тенка, а ако ја приготвувате во помал калап, тогаш прилагодете го печењето.
Печената кора додека е топла прелијте ја со 200 мл ладно млеко и оставете да го впие целосно и да се олади. За тоа време пригответе го белиот крем (шам) од белки. Во подлабок сад (кој претходно треба да биде чист и сув) ставете ги белките и пенасто изматете ги со миксер.
Кога белките ќе се згуснат во бела пена, додадете 8 лажици шеќер и продолжете да матите со електричниот миксер додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Во посебен сад изматете две кесички шлаг крем со вкус на ванила и 120 мл ладно млеко.
Во изматениот ванилин крем започнете постепено да го додавате снегот од белки, под две-три лажици пред секое матење. Продолжете да матите со миксерот додека да добиете фина, изедначена, мазна и кремаста смеса.
Добиениот крем рамномерно распоредете го врз изладената кора и израмнете ја површината. Потоа направете ја чоколадната глазура: Чоколадото (100 г) искршете го на коцки и ставете го во помало тенџерче. Додадете 1 лажица какао во прав, 2 лажици вода и 3 лажици масло.
Загревајте на тивок оган додека состојките да се растопат и соединат во мазна и течна чоколадна глазура. Прелијте ја рамномерно врз изладениот колач и израмнете. Пред послужување најдобро е колачот добро да излади во фрижидер. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.