I РЕЦЕПТ – Штрудли од готови кори со чоколаден и ванилин крем: Брзо и едноставно, ќе ги послужите за 40 минути. Рецепт и видео прилог на Готвачот Иги (Igy The Cook). На вашата трпеза овој вкусен десерт ќе се најде точно за 40 минути и сите ќе уживате во него.
Најубави се ако малку отстојат во фрижидер…секако доколку успеете да се воздржите. Потребни состојки: 1 литар млеко, 1 пудинг од ванила, 1 пудинг од чоколадо, 4 лажички мед, 2 супени лажици гриз, 50 мл масло, 200 мл кисело млеко, 10 г прашок за печиво, 2 јајца, 2 супени лажици шеќер и 6 кори за пита.
Постапка: Измешајте малку млеко (50 мл или 3 супени лажици), 2 лажички мед, пудунг од ванила, а потоа истото направете го и со пудингот од чоколадо. Во преостанатото млеко (450 мл) додадете ја изедначената смеса од ванила и убаво промешајте.
Тенџерето со смесата ставете го на оган и мешајте додека да згусне. Тргнете го на страна, покријте го кремот со проѕирна фолија за да не фаќа коричка и оставете го да излади. Истата постапка во посебен сад повторете ја за да го приготвите и чоколадниот пудинг.
За премачкување измешајте: масло, гриз, јајца, прашок за печиво и кисело млеко. Добро изматете да се соединат состојките. На првата кора нанесете од преливот за премачкување, на втората кора исто така, а на третата кора нанесете го пудингот.
Свиткајте во ролат и ставете во намастен плех. Постапката се повторува и за втората штрудла. На крај одозгора премачкајте ги со преостанатиот прелив. Ставете ги во загреана рерна на 200 степени и печете ги околу 30-35 минути. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Едноставен колач од готови кори со фил од пудинг и гриз – прекрасен вкус. Штрудла со крем од ванила, која уште се нарекува и пита со пудинг од ванила и пита со гриз и пудинг, е едноставен колач од готови кори кој по вкус потсетува на кремшнити.
Освен ванилин крем, можете да користите и чоколаден или овошен, во зависност од вашиот вкус. Потребни состојки: 12 готови кори. Фил за премачкување: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 200 мл масло, 200 мл јогурт, 100 г гриз, 1 прашок за печиво. Фил од пудинг:
1 литар млеко, 3 пудинг од ванила, 9 супени лажици шеќер. За декорација: шеќер во прав. Постапка: Прво сварете го пудингот: од млекото одземете 18 лажици, а остатокот ставете го на оган. Во одземеното млеко промешајте го пудингот и шеќерот, па со постојано мешање додадете го во зовриеното млеко.
Варете додека да згусне, па тргнете го на страна, покријте го со проѕирна фолија и оставете да излади. Во посебен сад одвојте ги белките од жолчките. Во белките додадете шеќер и изматете цврст снег. Потоа постепено додавајте ги жолчките со постојано матење, па додадете го маслото и уште малку измиксајте.
Додадете ги гризот и прашокот за печиво, измешајте, па на крај соединете го и јогуртот во хомогена смеса. Редење: на рамна подлога ставете една кора. Премачкајте ја со 4-5 лажици од смесата со гризот, па покријте со друга кора. И втората кора исто така премачкајте ја со преливот.
Ставете ја третата кора. На работ од кората распоредете околу 250 г сварен и изладен пудинг. Свиткајте во ролат и редете во плех обложен со хартија за печење. Повторете ја постапката и со останатите кори. На крај ќе добиете 4 ролати. Премачкајте ги одозгора со масло.
Ставете да се печат околу 20 минути во претходно загреана рерна на 180 степени со вентилатор. Печените штрудли оставете ги да изладат прво на собна температура, а потоа ставете ги во фрижидер. Потоа исечете ги на парчиња со 2 см дебелина. Одозгора наросете ги со шеќер во прав. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.
III РЕЦЕПТ – Штрудла со крем од ванила, за мене овој рецепт е подобар и од кремпита! Најдобрата кремпита со вкус на ванила! Потребни состојки: 500 г готови кори. За прв фил: 3 поголеми јајца, 3 лажици шеќер, 1 шолја (од 200 мл) масло, ½ шолја пченичен гриз, 1 шолја јогурт, 1 прашок за печиво.
За втор крем: 1 литар млеко, 9 лажици шеќер, 3 пудинг од ванила. Постапка: Најпрво сварете го пудингот во млекото и оставете малку да излади (не сосем) со повремено мешање за да не создаде коричка. Иматете белки со шеќер, додадете жолчки, масло, гриз, прашок за печиво и јогурт.
Пребројте колку кори имате и поделете ги на четири дела, така да добиеме четири штрудли. Јас редев по 4 кори (во пакувањето имаше 16). Редење на корите: На првите три кори ставете по 3-4 лажици од првиот фил а на четвртата кора ставете топол пудинг и свиткајте во ролат.
Истото направете го и со останатите кори. Штрудлите премачкајте ги со остатокот од филот или со малку масло и ставете во рерна да се печат. Јас ги испеков за помалку од 15 минути на 180 степени. Почекајте да излади, па исечете и наросете со шеќер во прав.
Штрудлата е преубава кога е топла, а мене ми е уште поубава кога ќе излади бидејќи вкусот ме потсетува на кремпита. Брзо се приготвува и може да дојде во предвид и пудинг од чоколадо или некој друг вкус, на пример карамел или некој вкус по ваша желба.
IV РЕЦЕПТ – Штрудла со вишни и пудинг од ванила – Колач кој не смеете да го одбиете. Рецепт и видео прилог на Домашен Готвач – Штрудла со вишни и пудинг од ванила. Многу вкусни ролати со крем од ванила и вишни, комбинација која совршено си одговара. Може да користите свежи или смрзнати вишни.
Потребни состојки: 9 лажици шеќер, 3 пудинг од ванила, 1 литар млеко. За премачкување: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 150 мл масло, 200 мл јогурт, 150 г гриз, 1 прашок за печиво. И уште: 500 г готови кори, 600 г вишни.
Постапка: Одземете малку млеко (200 мл), па во него промешајте ги пудинзите и шеќерот, а остатокот млеко (800 мл) ставете го на оган. Кога ќе зоврие намалете ја температурата и во тенок млаз додадете ја мешавината. Мешајте постојано додека кремот да згусне, па оставете го на страна додека малку да излади.
Во длабок сад издвојте ги белките и пенасто изматете ги додека да добиете цврст снег. Потоа додадете ги жолчките и соединете ги. Додека постојано матите додадете и 3 лажици шеќер и 2 кесички ванилин шеќер, па матете додека да се растопат. Во смесата додадете 150 мл масло и без да го прекинувате матење ставете и 200 мл јогурт.
На крај додадете 150 г гриз и 1 кесичка прашок за печиво. Изедначете ја смесата која ќе послужи за премачкување на корите. Половина килограм готови кори отворете ги, па врз еден лист нанесете неколку лажици од смесата и премачкјате преку целата површина.
Поклопете со втора кора, па и неа премачкајте ја. Повторете и со третата кора, а преку четвртата кора нанесете пудинг на едниот крај, свиткајте го ролатот малку (2 вртења), па ставете 3 лажици вишни исчистени од семки, па продолжете со виткањето на ролатот.
Ќе добиете три вакви ролати. Наредете ги во плех обложен со хартија, а одозгора премачкајте ги со остатокот од преливот. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути. Печените штрудли откако ќе изладат наросете ги со шеќер во прав. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.