Брз бурек со месо – Повкусен од бурекчилница! Се приготвува со готови кори, на многу лесен и едноставен начин. Во овој рецепт ќе ви ги откриеме сите „мали“ тајни за совршен бурек…Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
500 г готови кори
50 мл маслиново масло
250 мл млака вода
сол по вкус
250 г +- мелено месо (јас користев јунешко)
2 мали главици кромид
сол, црн пипер, сув зачин
2 лажици маслиново масло, за динстање на месото
Постапка:
Прво пригответе го филот: кромидот исечкајте го многу ситно, па испржете го на малку масло и малку со. Кога ќе застакли, додајте го месото, црниот пипер и сувиот зачин, па мешајте додека месото да се иситни и да ја смени бојата.
Вака приготвениот фил тргнете го настрана додека ги приготвите корите.
Од вкупната количина кори, одвојте 4 цели кори. Земете тркалезна тепсија и намастете ја со малку масло. Потоа обложете ја со корите, така што краевите да висат вон тепсијата.
Во еден сад ставете вода, масло и сол, па разматете ги со лажица. Со оваа мешавина малку испрскајте ги корите на дното од тепсијата. Потоа додајте малку од филот, па преку месото додајте „иcцепкани“ кори.
Корите испрскајте ги со мешавина од масло и вода, па преку нив повторно ставете месо. Редете така наизменично додека корите и филот да се потрошат, со тоа што задниот слој треба да биде со месо.
Месото прекријте го со последната целосна кора која сте ја одвоиле на почетокот и преку неа преклопете ги краевите од првите кори кои излегуваа вон тепсијата.
Тие краеви преклопувајте ги еден по еден и после секое преклопување корите прскајте ги со малку течност.
Кога бурекот вака ќе го наредите, одозгора уште малку полијте го со течноста, но не премногу. Од вкупната мешавина вода, сол и масло, одвојте околу 30 мл. Со тој остаток ќе го прелиете бирекот штом ќе биде испечен.
Бурекот печете го во претходно загреана рерна на 250 степени, додека убаво да зарумени.
Кога е печен, извадете го од рерната и полијте го со остатокот од течноста и вратете го назад во рерна да се допече уште околу 5 минути. Ова ќе го направи фино крцкав.
Потоа префрлете го на некоја тацна или чинија за да излади, но така што ќе го превртите наопаку. Оставете го 5-10 минути, па потоа сечете го на четвртини.