Запишете си го овој стар рецепт за уштипци кои излегуваат многу крцкави однадвор. Тестото е меко и однатре се полнети со фил. Ако сакате нешто брзо и лесно за појадок или вечера, овие уштипци ви се секогаш на располагање. Рецептот е многу лесен и едноставен, всушност за тестото ви се потребни само малку состојки, не ви требаат јајца.
Рецептот го имам од баба ми која секогаш ми покажуваше нови рецепти со тесто, месењето беше нејзиното омилено хоби. Кога го најде овој рецепт беше многу среќна и на сите пријателки им го прераскажуваше. Овие уштипци може да ги правите за појадок, ручек или вечера. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2,5-3 помали шолји просеано пченично брашно (250-300 г). , 1 лажичка шеќер, 1/2 лажица сода бикарбона, 4-5 лажици масло, 2 шолји вода. ЗА ФИЛОТ: 1 главица кромид, 2-3 лажици паста од домати или пиперки, 2 средни компири.
ПОСТАПКА: Брашното просејте го во подлабок сад за да ви биде спремно кога ќе зоврие водата. Кога ќе го просеете додајте 1 лажичка шеќер и малку промешајте го. Тестото не излегува воопшто слатко. Во пониско тенџере или тавче сипете 2 шолји вода. Вклучете ја ринглата за водата да зоврие.
На првиот клуч, постепено започнете да додавате 1 шолја брашно, од вкупната количина. Не го додавајте целото брашно одеднаш за да може убаво да се соедини во водата. Со константно мешање соединувајте го брашното, додека да се формира густа смеса. Кога ќе го додадете целото брашно, ќе забележите дека смесата е погуста.
Тргнете ја настрана во подлабок сад и додајте 1/2 лажичка сода бикарбона, како и остатокот од брашното и маслото. Прво мешајте со лажица, па кога ќе се соедини, преминете на месење со раце. Замесете фино и меко тесто кое не треба да се лепи. Месете го со превртување на надворешните страни кон средината.
Пренесете го тестото на набрашнета рамна површина и домесете го уште малку за да стане компактно. Вратете го тестото во садот каде што го замесивте, покријте го со фолија и оставете да одмори некое време. Во меѓувреме подгответе го филот.
Компирите излупете и исечете ги на средни коцки. Ставете ги да се варат во вода со малку сол. Варете додека да омекнат, а потоа процедете ги и испасирајте ги со пасирка или со виљушка. Кромидот исечкајте го на ситни коцки, па ставете да се пропржи во малку масло.
Кромидот се пржи на тивко додека да позлати, а потоа во него се додава 2-3 лажици доматен сос или сос од пиперки. Измешајте па тргнете го филот настрана и соединете го во пасираните компири. Замесеното тесто префрлете го на рамна набрашнета површина и од него формирајте валјак кој треба да биде подебел.
Потоа од валјакот се сечат 12 еднакви делови и секој дел се формира во топче. Топчињата се оставаат на набрашнетата површина додека се замесува едно по едно, пожелно е останатите да ги покриете со проѕирна фолија за да не се сушат.
Секое топче развлечете го со оклагија во тенок круг. На средина филувајте со 1 лажичка од филот. Филуваните печива се затвораат и се прилепуваат на краевите, така што ќе се обликува топче кое треба малку да го спласнете со дланката. На истиот начин се подготвуваат и останатите уштипци.
Уштипците се пржат во длабоко загреано масло, прво од едната, а потоа од другата страна, додека убаво да заруменат, по неколку минути. Потоа се вадат и се оставаат малку да се исцедат на чинија обложена со хартија. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.