БОЖИЌНА БАКЛАВА-РОЛАТ: овој рецепт е осмислен за најсреќниот ден од годината. Вкусна баклава која ќе ве воодушеви и со вкус и со мирис. Ја правам специјално за Божиќ, но не класично како со редење кори туку во 3 помали ролати.




Како што знаете секогаш прво го подготвувам шербетот за да може целосно да се излади и да се прелие ладен врз врелата баклава. И така се остава да отстои преку ноќ за добро да се впие во корите и следниот ден се послужува.




Потребни состојки: 15 кори за пита или 450 г. За шербет: 700 г шеќер, 700 мл вода, 2 кесички ванилин шеќер, 1 лимон. За премачкување на корите: 250 гр путер или маргарин, 100 мл масло. За фил: 200 г мелени бадеми, 200 г мелени ореви, 100 г суво грозје, 100-150 г сечкани ореви, 150 г мелен плазма бисквит.




Постапка: Најпрво се подготвува шербетот. Во поголемо тенџере ставете ја водата и додајте го шеќерот заедно со ванилиниот шеќер. Малку промешајте и оставете да зоврие, а потоа варете уште 5 минути.




Тргнете го шербетот настрана за целосно да се излади, а потоа кога ќе биде млак додајте сок од еден лимон и неколку парчиња сечкан лимон на кругови. За филот: Сувото грозје се остава да отстои во вода 10 минути, а потоа се процедува.




Јас понекогаш додавам и рум, но овој пат не додадов. Сомелете ги оревите, бадемите и измешајте ги заедно со сувото грозје. Додајте ги ситно сечканите ореви (по желба, доволно е што има и мелени) и на крај се додаваат мелените бисквити (плазма).




За секој ролат ќе ви бидат потребни по 5 кори ако ги правите полни со фил корите. Јас ставав по 6 кори за секој ролат, значи вкупно 18 кори за пита. Ролатот се подготвува на следниов начин: Првата кора ја премачкувате со растопен маргарин измешан со масло.




Истото се прави и со втората кора и со третата на која се додава од филот. На четвртата и петтата кора повторно се премачкува со масло и фил, а исто и со последната (шестата). Се витка во цврст ролат колку што можете повеќе да го стегнете.




Истата постапка се повторува за сите три ролати и потоа им се отсекуваат краевите кои што се суви и се сечат на помали ролатчиња со дебелина од 3 см. Вака ролатите се редат во намастен плех со средишниот дел кон горе и одозгора се намастуваат уште малку со кујнска четкичка.




Се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-30 минути во зависност од јачината на рерната. Јас печев точно 25 минути и потоа врелата баклава се прелива со ладниот шербет, се остава добро да го впие и се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.