Убава кремаста торта која се приготвува со пудинг и чоколадо. Постапката е брза и едноставна, а резултатот е божествен. Тортата е прикладна подеднакво и за свечени пригоди, но и за секој ден, кога сакате да се засладите со нешто вкусно. Рецептот е на Силвана, а еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 80 г шеќер, 3 лажици брашно, 2 кесички пудинг со вкус на ванила, 50 г густин/скроб/нишесте, 4 жолчки, паста од ванила (или екстракт), 200 г црно чоколадо, 200 г бело чоколадо, 250 г путер, 200 мл слатка павлака, темни кекси со какао – за основа. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо, 200 мл слатка павлака
ПОСТАПКА: Во едно подлабоко тенџере ставете 1 литар млеко, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 80 г шеќер, 3 лажици брашно, 2 кесички пудинг со вкус на ванила и 50 г густин, па со жица маталка убаво измешајте да нема грутчиња.
Доколку ви е полесно, можете сувите состојки прво да ги разматите со малку млеко, па потоа смесата да ја излеете во остатокот од млекото. Пред крајот од матењето додајте ги четирите жолчки и половина лажичка паста од ванила, па убаво соединете.
Тенџерето ставете го на тивок до умерен оган и сварете го со непрекинато мешање додека да се згусне. Внимавајте да не ви загори или да се „потфати“ на дното од тенџерето, бидејќи ќе добие вкус на загорено. Кога ќе згусне тргнете го на страна и веднаш подгответе два длабоки сада каде што ќе го поделите.
Во едниот сад ставете 200 г темно чоколадо, а во вториот сад ставете 200 г бело чоколадо (и двете да бидат во вид на капки или искршено на коцки). Потоа поделете го рамномерно пудингот на две еднакви половини.
Промешајте ја содржината на секој од садовите додека чоколадото да се растопи и инкорпорира во кремот. Покријте ги со фолија одозгора и оставете ги целосно да се оладат. За тоа време на дното од калап со димензии 40х40 см (или приближно), наредете кафеави кекси (може и обични, но со кафеавите се постигнува контраст).
За оваа димензија на калапот потребни се 12 кекси за основа (3х4). Ставете го обрачот и подгответе ги филовите. Во кремот од ванила ставете 125 г путер омекнат на собна температура и пенасто изматете со миксер додека да се инкорпорира во кремот. Путерот се става само во изладен крем.
Потоа додајте 100 мл течна, слатка павлака и уште малку изматете додека да добиете нежен и мазен крем. Потоа истата постапка повторете ја и со чоколадниот крем. Додајте 125 г путер, изматете, па додајте 100 мл слатка павлака и уште еднаш изматете. Секоја од смесите одокативно поделете ги на половина.
РЕДЕЊЕ: Врз основата од кекси во калапот, рамномерно распоредете половина од светлиот крем, израмнете, па ставете половина од кафеавиот крем, израмнете, па ставете го остатокот од светлиот крем, распоредете и израмнете, па на крај завршете со втората половина од чоколадниот крем.
ПОДГОТВУВАЊЕ НА ГЛАЗУРАТА: На многу тивок оган растопете го чоколадото заедно со слатката павлака,но внимавајте, не смее да ви загори, бидејќи ќе го промени вкусот.
Глазурата излејте ја врз колачот, израмнете, па ставете го колачот во фрижидер да се олади минимум 3-4 часа или најдобро преку цела ноќ. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.