Уште многу одамна една пријателка ми го даде рецептот напишан на хартија и само го имав пикнато во тефтерот со рецепти. Никако да му дојде редот да го направам. Имав една пригода и одлучив да ја направам оваа торта и можам да ви кажам дека не само што не згрешив, туку ова е најдобрата торта што сум ја јадела во последно време!

Потребни состојки:

8 белки
100 г шеќер во прав
200 г истостирани (пропржени) лешници или ореви
2 лажици мелени бисквити или презла

За крем:

8 жолчки
150 г шеќер во прав
3 лажици млеко
200 г путер
75 г црно чоколадо
75 г бело чоколадо (може, но не мора, по желба)
1 ванилин шеќер

За глазура:

75 г темно чоколадо
30 г путер и малку масло

Постапка:

Белките добро изматете ги во цврст снег со шеќер во прав. Откако ќе добиете цврст снег со лажица додадете мелени лешници помешани со мелени бисквити или презла и внимателно промешајте.

Ставете да се пече на 180 степени околу 15 минути додека да зарумени и се одвои од ѕидовите на тепсијата (или пробајте со чепкалка).

Оставете да излади кората, па пресечете ја на три еднакви дела.

Жолчките, шеќерот и млекото измешајте ги и изматете ги со миксер на пареа додека да се згусне кремот. Оставете да се излади кремот па додадете пенасто изматен путер.

Смесата поделете ја на два дела. Во еден дел ставете растопено црно чоколадо, а во другиот бело чоколадо (според оригиналниот рецепт не се става бело чоколадо, јас сама го додадов за побогат вкус).

Филување: кора – жолт фил – кора – кафеав фил – кора остаток од темниот фил. Одозгора се украсува со чоколадна глазура или по ваша желба.