БИТОЛСКА ТОРТА…Многу вкусна чоколадна торта со рум и лешници за специјални пригоди! Оваа торта вреди за целиот труд. Секогаш ја приготвувам за специјални пригоди. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

9 жолчки,
180 г шеќер,
180 г путер,
180 г црно чоколадо,
200 г мелени лешници (ореви или бадеми),
50 г мелени медени колачи или слични кекси,
70 мл темен рум,
1 лажичка прашок за печиво,
цимет, ванила,
9 белки + прстофат сол + лажичка лимонов сок

За прелив на кората:
300 мл млеко,
100 мл коктел од темен рум и чоколаден ликер,
2 лажици Милка Choco Drink или Краш Експрес,
1 лажичка ванилин екстракт.

За крем:
600 мл слатка павлака,
600 мл млеко,
100 мл чоколаден ликер или baileys,
150 г црно чоколадо,
100 г бело чоколадо,
3 пудинзи (чоколадо, лешник, рум пунч или нугат премиум),
100 г густин,
150 г шеќер,
125 г путер,
400 мл слатка павлака за шлаг и
1 желатин

За глазура:
100 г црно чоколадо,
3-4 лажици масло,
по желба може и бело чоколадо за да се ишара тортата.
За чоколаден обрач: 200 г црно чоколадо (не мора да правите обрач)

Постапка:

Прво се вари кремот: во малку млеко се мати шеќерот, густинот и пудинзите. Во павлаката, ликерот и остатокот од млекото се растопува чоколадо, а потоа се вари густ крем.

Се префрла во поголем сад, се прекрива со проѕирна фолија и остава да се излади. Сварете ги сите состојки за преливот и оставете настана да се лади.

Натопете ги мелените кекси во рум. Растопете го путерот и чоколадото, па со мешање малку изладете околу минута – две.

Пенасто изматете ги жолчките со шеќерот и ванилата, па со лажица додајте го и промешајте го истопениот путер со чоколадото, натопените кекси и мелените лешници со прашокот за печиво и цимет по вкус.

Изматете цврст снег од белки со прстофат сол, додајте лимонов сок и миксајте додека снегот да стане густ и сјаен.

Со лажица додајте го во смесата од жолчки, промешајте и добиената смеса поделете ја во три еднакви делови во три садови.

Дното на калап за торти 26 см обложете го со хартија за печење, па внимателно нанесете ја смесата. Секоја кора печете ја во загреана рерна на 160-170 степени околу 20 минути.

Врз тацната за сервирање ставете ја првата кора и полека натопете ја со преливот. Додека се впива преливот, измиксајте пенасто путер и соединете го со чоколадниот крем.

Желатинот пригответе го според упатството на кесичката, растопете го на пареа и додајте го со миксање во кремот.

Изматете ја слатката павлака во шлаг, па со лажица додајте го во кремот и изедначете. Одвојте мал дел за украсување и премачкување на тортата од страните, а остатокот поделете го на три еднакви делови.

Филувајте ги корите, премачкајте ја тортата со сочуваниот дел од кремот и измазнете со шпатула загреана со врела вода. Оставете во фрижидер да се излади неколку часови, а најдобро преку ноќ.

Темното чоколадо растопете го со неколку лажици масло за глазура и прелијте го преку тортата. Украсете со ружички и повторно вратете во фрижидер да излади и да се стегне.

За чоколаден обрач: растопете чоколадо на пареа и ишарајте по две линии на хартија за печење, претходно измерени да одговараат на димензиите од тортата.

Ставете ги во фрижидер да се стврднат, а потоа внимателно ставете ги на тортата. Вратете во фрижидер на 30 минути, потоа извадете ја хартијата и тоа е тоа.