За жал, Ли Венлианг, кинескиот доктор кој се обиде да го предупреди светот за потенцијалниот нов вирус, налик на САРС, почина во Централната болница во Вухан.
Тој беше заразен во декември 2019 година. Од болницата изјавија:
“Нашиот офталмологист Ли Венлианг за жал беше инфициран со коронавирус во текот на својата работа, помагајќи да се спречи епидемијата. Тој почина на 7 фебруари во 2:58 часот, по локално време.”
Неколку дена претходно, беше лажно објавена неговата смрт од страна на неколку медиуми, по што од билницата остро демантираа, дека тие сè уште се борат за неговиот живот.
Ли Венлианг: Сценарио како од Чернобил
Венлианг работеше во Централната болница во Вухан, а уште во декември минатата година се обиде да ги предупреди своите колеги за појава на вирусот. Набрзо по неговото предупредување го посетија од полицијата поради „ширење гласини“ и доби наредба да молчи. Лекарот беше свикан и од Бирото за јавна безбедност каде му беше дадено да потпише писмо, во кое се обвинува за давање лажни информации.
Од вирусот досега се регистрирани повеќе од 560 смртни случаи, а повеќе од 28 000 луѓе во Кина се заразени.
Светската здравствена организација денес соопшти дека ова е првиот ден кога е намален бројот на нови случаи, но дека е прерано да се каже дека епидемијата ја достигнала својата кулминација.